Во Италија втор ден од референдумското изјаснување за реформи во судството


Во Италија денеска е вториот ден од референдумското изјаснување на граѓаните за реформа на судскиот систем, јавуваат италијанските медиуми. Гласачките места се отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 15 часот.

Според Министерството за внатрешни работи, вчера на првиот ден од изјаснувањето на референдумот излезноста изнесувала 46 проценти.

Реформата ја поддржуваат владејачката десничарската коалиција на премиерката Џорџа Мелони, додека опозициската левица, дел од судиите и судиските синдикати се против. Мелони најави дека и доколку референдумот не помине не планира да поднесе оставка, правдајќи го таквиот став со тоа што со распишувањето на референдумот го одржала ветувањето дадено пред граѓаните дека ќе иницира реформи во судството.

Првиот ден од референдумското изјаснување се совпадна со погребот на италијанскиот политичар Умберто Боси, долгогодишен лидер на партијата „Северна Лига“ која се залагаше за одделување на богатот северен дел на Италија од посиромашниот Југ. „Северна Лига“ подоцна се трансформираше во „Лига“, со сегашниот вицепремиер Матео Салвини како лидер, кој е меѓу главните поддржувачи на судските реформи.

На погребот во Понтида, во Северна Италија, присуствуваа лидерите на партиите од владејачката коалиција. Приврзаниците на Боси скандираа пароли со неговите идеи за одделување на Северот, а дел од нив го исвиркаа вицепремиерот Салвини, поради одлуката за вклучување на неговата партијата „Лига“ во десноцентристичката влада.

При пристигнувањето на Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани, приврзаниците на Боси повторно скандираа „отцепување“.

Некои медиуми јавуваат дека Мелони била исвиркувана, други дека добила делумни аплаузи, додека исвиркувањата биле насочени кон Салвини. На телевизиските кадри можеше да се чујат скандирања на името Мелони, повици „браво“, но и „слобода“ и „отцепување“.