Во Институтот за јавно здравје некој намерно ја исклучил струјата за реагенсите

Јавното обвинутелство веќе почна истрага и разговара со лица кои може да имаат сознанија за исклучување на струјата


 

Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14,30 до 16 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, соопшти МВР.

„Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во соопштението на МВР.

Јавното обвинителство прибира документација и се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за исклученото напојување со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести во Институтот за јавно здравје.

Како што информираат од Обвинителството, по информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство итно оформило предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

„Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија“, стои во соопштението од Обвинителството.

Оттаму дополнуваат дека се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена.

Директорката на Институтот, Марија Андоновска, дека се проверува дали има оштетени реагенси, откако вчера некој ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат.

„Можно е ова да се има случено во периодот помеѓу 14,30 и 15,30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Во случајов се работи за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние бевме сѐ уште на работа и хигиеничарката, која доаѓа по вработените кои заминуваат, забележа дека има некаков проблем кај разводните табли, таа алармираше“, појасни директорката во изјава за МИА.

Во моментов се испитува дали има уништени реагенси, се зема мостра од сите нив, но, таа се надева дека нема да има штети, бидејќи многу брзо се реагирало. 

Според Андоновска, симптоматично е тоа што биле исклучени само тие што се однесуваат на фрижидерите и коморите, каде се чуваат сите реагенси за целата држава. Дополни дека се преземаат безбедносни мерки за алармирање, а по ова, таа рече дека ќе бара дозвола за поставување камери од Министерството за внатрешни работи. 

Фрижидерот со реагенси за голема кашлица исклучен од осигурувач

Новата директорка на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска денес на прес-конференција изрази сомнеж дека е направена диверзија.

-Постои сомнеж за извршена диверзија во ИЈЗ, дали е тоа така оставаме на институциите да истражат. Јас сум само пет дена назначена за в.д. директор и се обидувам да ја согледам фактичката состојба, начинот на кој се функционира, одредени недоследности како би можела да делувам, да даваме квалитетни услуги на граѓаните, да се воведе ред и да се делува согласно законските процедури. Вчера по истек на работното време, додека сѐ уште бев на работа дел од вработеите ме известија дека не функционираат дел од фрижидерите на Микробиологија, поточно на бактериологија. Се работи за еден фрижидер и една комора, а во овие фрижидери се чувале доста значајни реагенси кои детектираат низа на заболувања. Константиравме дека се исклучени дирекно од бушони, има две разводни табли во ходникот, а во тој ходник поминуваат сите кои се вработени во овој дел. Претпоставка е дека се отворни разводните табли. Тоа е наша претпоставка, оставаме да се испита. Бидејќи ако се случеше да не работат фрижидерите, а се работи за голем дел реагенси, не само што би имало материјална штета туку би предизвикало опасност за животот и здравјето на граѓаните. Ние денес ќе немавме никаков реагенс. Овие две разводни табли од каде беше исклучен осигурувачот, се разводни табли каде има стотина осугурувачи, беа спуштени оние кои се поврзани со фрижидерот. Денес ги проверуваме сите реагенси дали се оштетени и во тек на денот ќе имам извештај, рече Андоновска.

На новинарско прашање за кои реагенси станува збор таа додаде:

-Едно можам да ви кажам, таму беа реагенсите за големата кашлица. Имаме епидемија, а денес ќе немавме ниту еден реагенс. Затекав недостаток на вакви реагенси на веќе прогласена епидемија, надлежните пред мене ја оставиле со недоволен број реагенси. Веќе се обидов да набавам донација и покренавме постапка за набавка на соодветен број, рече таа.

На прашањето кој има клуч од овие простории Андонвска рече:

-Кога дојдов уште првиот ден побарав работни процедури. Ми беше кажано дека нема работни процедури и дадов насока да почнеме да ги практикуваме. Од она што го видов е дека дел од оваа комора е во посебна просторија со клуч. Ми река дека тие имаат само еден клуч, а кој ги има останатите клучеви и дали има не можеа да ми кажат. Тој клуч го имал еден од вработените, рече таа.