Во Хрватска има 155.000 странски работници, најмногу од БиХ, Србија и Филипините


Од јануари до крајот на јули во Хрватска се издадени околу 106.000 дозволи за престој и работа на странски државјани, што е за 7,5 проценти помалку во споредба со истиот период лани.  Во исто време, бројот на дозволи за нови вработувања е речиси преполовен, додека бројот на продолжувања на постојните и сезонските дозволи е зголемен.

Директорот на Хрватската служба за вработување, Анте Лончар, изјави за ХРТ дека во Хрватска моментално се вработени околу 155.000 странски работници.

За нови вработувања на странски работници, оваа година се издадени 41.716 дозволи, што е половина помалку од минатата година. Најголемиот број странски работници доаѓаат од Босна и Херцеговина, околу 19.500. По неа следува Србија со повеќе од 17.800 работници, потоа Филипините со околу 15.700 и Непал, Северна Македонија и Индија.

Најголемиот број дозволи се издадени за работа во туризмот и угостителството, повеќе од 43.500.

Околу 27.000 се издадени во градежништвото, околу 12.000 во индустријата, повеќе од 6.500 во сообраќајот и комуникациите и малку повеќе од 6.300 во трговијата.

Најголемиот број странски работници се вработени во Загрепската жупанија.