Во Холандија бројот на новозаразени со Ковид-19 најголем од октомври
Бројот на новозаразени од коронавирус во изминатите 24 часа во Холандија е зголемен за речиси 10.000 или 9.884, што е најголем број заразени од крајот на октомври, соопштија денеска здравствените власти.
Во истиот период починаа 29 лица, така што вкупниот број смртни случаи од Ковид-19 е 10.048, објави интернет страницата „Ворлдметерс“.
Зголемувањето на бројот на случаи претставува тренд на раст во последните неколку недели, во ситуација кога ефектите од делумното „затворање“, воведено на 13 октомври, не даваат соодветни резултати.
Холандската Влада свика итен состанок што треба да се одржи денеска на кој ќе се разговара за дополнителни мерки за спречување на ширење на коронавирусот.
Мерките се очекува да бидат објавени во вторник.
Вкупниот број заразени сега е 613.487 лица.