Во градските средини постои илузија на безбедност


Современиот и динамичен начин на живот наметнува потреба од соработка на безбедносните институции со академската фела. Научните работници преку активности насочени кон истражување, проучување, предлагање мерки на превентивен и репресивен план да придонесат за зајакнување на свеста, безбедносната култура и да ги потткнат процесите на соработка со органите за спроведување на законите, како институции кои можат да идентификуваат, реализираат и оневозможат безбедносни закани и ризици. Тоа го истакна заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу во обраќањето пред учесниците на Меѓународната конференција „Урбана безбедност, јакнење на безбедноста во урбанизираниот свет“ што во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при УКИМ, Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево и Факултетот за безбедност од Белград денеска се одржува во Охрид.

Нухиу нагласи смислата на организирањето научни собири како овој во Охрид е преку користење на услугите на еминентни теоретичари и практичари подготвени да работат и да пренесуваат искуства, вештини и знаења, да се работи за подигнување на безбедносната култура и создавање чувство на сигурност кај граѓаните.

– Стабилноста на една држава во многу аспекти зависи од јакнењето на јавната и колективната свест, во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во секој поглед. Потребно е креирање добра национално-безбедносна политика и изградба на соодветни институции што ќе овозможат нејзино спроведување. Државата јасно ги има поставено своите вредности, интереси, насоки, стратешки цели, стремежи, како и безбедносна политика. Со нивно исполнување во целост, би требало да се оствари нејзината трајна определба – европска и евроатлантска интеграција, рече Нухиу.

Ратко Дуев, деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, посочи дека глобалните и демографските промени, концентрацијата на населението во големите урбани средини, развојот на технологијата што повлекува желба за поголема заработувачка, растот на цените на живеењето носат големи предзивици по безбедноста на граѓаните.

– Проблемите со урбанистичките планови, потребите од ширење на градската инфраструктура, наплив на мигранти, растечкиот криминал, тероризам, воведувањето нови енергенси, еколошките промени создаваат големи проблеми за градските служби, безбедносниот сектор и институциите на системот. Брзината со која напредуваат сите тие процеси и проблемите што произлегуваат од нив се сериозен предизвик за заедницата, но и за науката во изнаоѓање брзи решенија за надминување на истите, истакна Дуев, притоа потенцирајќи ја потребата од размена на искуства, најновите научни сознанија како помош на општествата во справување со ризиците.

Според него, градските средини стануваат небезбедни за живеење, со забелешка дека постои илузија на безбедност, но безбедноста отсуствува. Задача на научната фела, како што рече, е да ги посочи ризиците и активностите што мора да се преземат за надминување на несигурноста на граѓаните, аргуменитрано да инсистира на своите ставови и гледишта во корист на заедницата наспроти интересот на бизнис-секторот и политиката, да создава кадри што ќе се справува со проблемите, предизивиците, девијациите што ги носи денешниот урбан живот.

Деканот на Факултетот за криминологија, криминалистика и безбедносни студии во Сараево, Неџад Корелиќ, од своја страна нагласи дека независно дали се работи за малолетници, млади луѓе, постари лица, безбедноста на целокупната популација во едно општество бара мултидисциплинарен пристап на повеќе научни дициплини, од психологија, педагогија, социологија, филозофија…

– Сметаме дека тоа е друга визија, поинаква од онаа што досега ја практикувавме. Очекувам на оваа конференција ќе размениме знаења и искуства, како и дилеми и прашања од прашањето на безбедносните ризици во урбаните средини како придонес кон заедничката цел – воспоставување што поголем степен на безбедност на подрачјето на Западниот Балкан, рече тој.

Се очекува стотината панелисти од Македонија, Летонија, Португалија, Германија, Италија, Романија, Турција, Шпанија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина во своите излагања да отворат многу важни прашања од областа на урбаната безбедност, односно преку отворена, научно втемелена расправа да дадат квалитетни заклучоци, препораки и предлози во насока на зајакната безбедност во урбаните средини.