Во Гостивар се одржува 31 Државен натпревар по прва помош


 Десет екипи кои се квалификуваа на регионалните натпревари денеска во Гостивар ќе ги покажат вештините и знаењата во пружање на прва помош на 31 државен натпревар кој се одржува во Гостивар.

Отворањето на настанот беше на градскиот плоштад од каде беа испратени пораки за важноста на овој сегмент во општеството. Првиот човек на македонското здравство во обраќањето пред учесниците напомена дека првата помош не е теорија, туку вештина и го потенцира ангажирањето на младите.

– Во свет каде секоја секунда е важна, една брза одлука и едно мало дејство може да направат разлика меѓу животот и смртта. А кој ако не вие младите може да ја понесете оваа одговорност, со храброст и со енергија. Вие сте генерацијата што не чека, туку дејствува, Вие не сте само иднината, вие сте сегашност што спасува живот, рече министерот за здравство Азир Алиу.

Успешен натпревар во името на организаторот Црвен крст на Северна Македонија на екипите и нивните ментори им посака генералниот секретар Саит Саити, кој истакна дека овој настан е симбол на знаење, хуманост и одговорност.

– Првата помош не е само техника, таа е култура, навика и вредност која треба да биде присутна во секојдневието. Особено во училишните средини, каде младите се формираат како личности. Овој настан ќе ни покаже дека вистинската сила не се мери во победата, туку во спремноста да се помогне, рече во обраќањето Саит Саити.

Во име на градот домаќин зборуваше в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани, кој истакна дека низ годините со ОО Црвен крст Гостивар има одлична соработка и дека волонтерите се клучна алка во спасувањето на животи.

– Црвениот крст заслужува посебна честитка што истрајно ги организира овие натпревари кои ја стимулираат свеста и знаењата за прва помош. Давањето прва помош може да значи повеќе од тоа што лекарите може да го направат, рече Лимани.

Во натпреварот близу 200 волонтери од општински организации на Црвениот крст од земјава (Гостивар, Кочани, Виница, Гази Баба, Прилеп, Битола, Центар, Куманово, Охрид и Карпош), ги демонстрираат знаењата и вештини за укажување прва помош при симулирани сценарија на повреди и давањето на брза и правилна интервенција во случаи на несреќи.
Прогласувањето најдобрите е најавено во попладневните часови.