Во Гостивар казнети 30 патници за неносење заштитни маски во јавен превоз


Полицијата открила 30 лица кои се превезувале со јавен превоз и немале заштитна маска, како мерка за спречување на ширење на Ковид-19. Тие ќе се соочат со парична глоба од 20 евра во денарска противвредност.

Од СВР Тетово информираат дека вчера од 12:00 до 15:00 часот на поширокото гостиварско подрачје е спроведена акциска контрола во рамките на активностите за спречување на ширењето на Ковид-19. Притоа се контролирало дали и колку се почитува законската обврска за задолжително носење на заштитни маски во возилата од јавниот превоз, автобуси и такси комбиња.

– При контролата откриени и законски санкционирани биле 30 лица кои не носеле заштитни маски или друга заштита на лицето. На сите им се изготвени соодветни поднесоци по член 66-б од Законот за заштита на населението од заразни болести, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Тој потенцира дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период и ќе се преземаат законски предвидените мерки.