Во функција еден комјутерски томограф на Клиника, се повикуваат пациенти


Министерството за здравство информира дека почнувајќи од денес е ставен во функција еден од компјутерските томографи на  Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје и е достапен за извршување дијагностички прегледи.
 
Со цел навремено обезбедување на здравствените услуги, Институтот започна со организирано повикување и закажување нови термини за сите пациенти чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба.
 
За таа цел, организирана е работа во две смени, како и дополнителна работа во текот на претстојниот викенд, со цел во најкраток рок да се реализираат прегледите, согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети.
 
Во однос на компјутерскиот томограф, лоциран во хируршкиот комплекс и наменет првенствено за дијагностичка обработка на итни пациенти, сервисната постапка сѐ уште е во тек и се очекува да заврши во најскоро време. Постапувањето со итните пациенти продолжува согласно воспоставената меѓуинституционална координација и организација за обезбедување континуитет на неопходните дијагностички услуги, односно итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје.