Во францускиот предлог ја немало бугарската рамковна позиција, јави Бгнес

Во предлогот на Советот на Европската унија, наводно, бил вклучен само условот Бугарите да бидат вклучени во македонскиот устав


 

Ако ѝ се верува на бугарската агенција Бгнес, Советот на Европската унија договорил финален документ кој содржи рамка за преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, како и декларација за отворање на првата меѓувладина конференција. Агенцијата вели дека се запознала со документот и во него, наводно, немало ништо од досегашната официјална бугарска позиција за почеток на преговори со Македонија.

Според она што го пренесува Бгнес, ниту еден од бугарските услови наведени во рамковната позиција од 2019 година не се појавува во предлог-одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори со Македонија. Само условот, кој не е дел од рамковната позиција и кој беше објавен во 2021 година, за вклучување на Бугарите во уставот на Македонија, е отсликан во заедничкиот став на Советот.

Предлог-одлуката се однесувала на два дополнителни билатерални документи, чија содржина засега не е позната. Едниот е веројатно поопшт документ наречен протокол, кој не е предвиден во самата преговарачка рамка.

Другиот билатерален документ, како што наведува агенцијата, се однесувал на формулацијата за македонскиот јазик, „што значи и негово де факто признавање“. Во документот се наведува дека Бугарија и Македонија ќе дадат еднострани декларации за македонскиот јазик, а самите декларации ќе бидат приложени кон записникот од првата меѓувладина конференција.

А како што беше најавено од премиерот Кирил Петков, францускиот предлог како да се најде решение за кревање на ветото на Софија, стигна во комисијата за надворешни работи на бугарското собрание. Ова за државното радио го потврдиле два независни извори од парламентот.

Француската амбасадорка Флоренс Рубин вчера се сретна со членовите на Групата за пријателство со Франција во собранието во времето кога траеше бурната дебата за смена на неговиот спикер. На оваа средба се разговараше за документот. Се разговарало и дали владата го има потребното мнозинство за да го прифати.

Подоцна, копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, на маргините на парламентот објасни дека ќе биде успех за Бугарија доколку Скопје се согласи да ги прифати бугарските услови и ЕУ стане гарант за нивното спроведување.

Засега никој не открива што стои во францускиот предлог. Претставниците на македонските власти, од претседателот Пендаровски до министерот Османи, изјавија дека не се запознати со тој документ оти тој ќе се подели меѓу земјите-членки на ЕУ.

Во средата, бугарската влада донесе одлука сите предлози за решавање на спорот, да бидат одобрени од Националното собрание.

Пред една недела оваа тема стана една од причините за напуштање на владејачката коалиција на Има таков народ, а лидерот на партијата Слави Трифонов постапките на премиерот Кирил Петков ги оцени како национално предавство.