Во енергетиката во регионот се потребни големи инвестиции


Во енергетиката се потребни големи реформи, промена на навиките и огромни вложувања наредните години во износ меѓу 16 и 30 милијарди евра, порача денеска српскиот претседател Александар Вуќиќ на Конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, што се одржува во Белград. 

Премиерот Димитар Ковачевски, кој исто така учествува на Конференцијата посочи дека Северна Македонија како земја од Западен Балкан која е насочена кон просперитет и развој, интензивно работи на обезбедување на енергетска стабилност и независност за што има донесено мерки и модели на краток, но и на подолг рок, но и нова Стратегија за инвестиции во зелена енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград на панел дискусијата за можностите за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан на која учествуваат инвеститори од Норвешка.
Тој нагласи дека Северна Македонија е фокусирана на обезбедување на енергетска стабилност во услови на светска енергетска криза за што има краткорочен план кој до сега успешно се спроведува со активирање на сите капацитети за домашно производство на струја. Но, како што додаде Ковачевски, земјата има и долгорочен план со кој се стремиме кон декарбонизација и насочување кон она што го имаме во изобилство, производство на струја од ветер, сонце и вода.

-Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Ние сме првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во Осломеј, Кичево, на место каде што веќе градиме 120 MW соларна централа на местото на поранешниот рудник за лигнит. Ова е конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија и покажува силна волја за декарбонизација на нашиот енергетски сектор, а со тоа и декарбонизација на нашата економија, рече премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека Владата на Република Северна Македонија како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Тоа, како што нагласи Ковачевски, се гледа во посветеноста на енергетската транзиција на земјата, затоа што тоа е иднината и за енергетска независност на земјата, но и на целиот регион и за заштита на животната околина.

Целта на Конференцијата е да ја зајакне соработката во можностите за развој на капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан кои треба да обезбедат енергетска независност.
Регионалната конференција за можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија во Западен Балкан е во организација на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Сараево и претседателот на Србија, Александар Вучиќ во соработка со Нордиската стопанска алијанса.

Конференцијата ја отворија српскиот претседател Вучиќ и Андреас Б. Ериксен, заменик министер за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Кралството Норвешка.

– Во енергетиката се потребни големи реформи, промена на навиките и огромни вложувања наредните години во износ меѓу 16 и 30 милијарди евра, порача Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што посочи, не постојат лесни ниту едноставни решенија, но сето тоа мора да се преземе, оти во спротивно ќе се соочиме со катастрофа.

– Србија мора да прави реформи, да менува навики и да работи на поинаков начин и затоа побара помош од пријателите од Норвешка кои понудиja некакви решенија, додаде Вучиќ.

Тој наведе дека Србија во следните 10 или 15 години ќе треба да инвестира меѓу 16 и 33 милијарди евра во енергетскиот сектор, што значи дека најголемиот предизвик за сите идни влади во регионот ќе биде подобрувањето на енергетскиот сектор.

Можеби само здравството е исто толку важно како енергетскиот сектор, рече Вучиќ и додаде дека земјите од регионот знаат дека мора подобро да се поврзат и дека мора да се изградат нови интерконектори за гас и цевководи за нафта.

Вучиќ оцени дека ова е можност да се зголеми БДП на земјите од регионот и нивниот економски раст, истакнувајќи дека ќе биде тешко да се држат под контрола јавните финансии.

Toj посочи и дека буџетот за следната година е подготвен со ММФ, кој предвидува дефицит од 3,3 до 3,4 отсто, што, како што додаде, „не е добро, но релативно е во ред“.

-Од тоа, 45 отсто отпаѓаат на нашата расходна страна, кога станува збор за снабдувањето со енергија, што покажува колку таа стана важна, рече Вучиќ.

Тој истакна дека Србија само денеска ќе потроши повеќе од 2,5 милиони евра за увоз на електрична енергија од европската мрежа.