Во енергетиката се заработуваат убави пари – шесте стана на министерката Сања Божиновска

По два стана во Шпанија и во Македонија, по еден во Португалија и Србија. Вредноста само на пријавените станови на Сања Божиновска надминува еден милион евра


Сања Божиновска вели дека извадила бугарски пасош од „економски причини“

 

Два стана во Шпанија, по еден во Португалија и во Србија, како и два стана во скопски Центар (еден од 87, а другиот од 60 метри квадратни), е дел од недвижниот имот што го пријавила министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во анкетниот лист доставен до државната комисија за спречување на корупцијата. Според наведените износи, вкупната вредноста на становите надминува 1 милион евра.

Сања Божиновска е еден од клучните кадри на премиерот Христијан Мицкоски и доаѓа од областа во која тој и има знаење и имал компании – енергетиката. Уште пред неколку месеци се знаеше дека главен кандидат да го раководи планираното ново министерство за енергетика е токму Божиновска. 

Енергетиката е област каде што се заработуваат многу пари, а добро школуваната Сања Божиновска, барем според она што е наведено во анкетниот лист, има завидно богатство.

Според податоците во анкетниот лист, највреден е станот од 82 квадрати во Шпанија, стекнат во 2017 година, кој е наведено дека вреди 20,6 милиони денари или околу 335 илјади евра, додека другиот стан во истата земја од 89,77 квадрати, стекнат годинава вреди 13,8 милиони денари или околу 225 илјади евра.

Покрај становите, Божиновска пријавила дека поседува и земјоделско земјиште, помошни простории, како и возило „нисан инфинити“, стекнато во 2013 година и регистрирано во Чешка, а исто така и подвижен имот кој не подлежи на регистрација во земјава во вкупен износ од 2,9 милиони денари или околу 48 илјади евра.

Таа навела и дека има трансакциска сметка и девизни сметки во Чешка, Португалија и Шпанија (во оваа земја остварува приходи од закупнина, односно од издавањето на становите).

Исто така, таа поседува и фирма во Чешка (sustainable services с.р.о.) каде што е основач и сопственик.

Инаку, според приложената биографија на Божиновска (44), која е достапна на интернет страницата на Владата, таа е „искусен енергетски консултант со меѓународно искуство во областа на енергетските проекти и инвестиции“. Се наведува дека поседува двојно државјанство – македонско и чешко.

Како што стои во биографијата, Божиновска ја започнала академската кариера на Англо-американ Универзитетот во Прага, Чешка, каде што од 1998 до 2002 година студира бизнис администрација и политички науки. Потоа го продолжува своето образование на Универзитетот во Гронинген, Холандија, каде што во периодот од 2003 до 2004 година завршува магистерски студии по интернационален бизнис. Во 2013 година ја завршшува програмата за енергетска транзиција и лидерство на Делта енергетскиот институт во Холандија, а во 2015 година ја завршува и извршната програма за жени лидери на Универзитетот Харвард, САД.

Нејзината професионална кариера започнува во 2002 година како помлад асистент за ревизија во КПМГ Скопје, каде што работи на ревизорски проекти во приватни и невладини организации. Во 2006 година премиинува во EZPADA s.r.o. во Прага, Чешка, каде што работи во одделот за планирање и тргување со електрична енергија. Од 2006 до 2011 година, Божиновска е одговорна за стратегиски анализи и тргување во балканските земји.

Од 2011 до 2014 година, Божиновска е извршен директор на сите компании на групацијата Руднап во ЦИЕ за трговија со електрична енергија. Во периодот од 2014 до 2018 година, пак, таа работи како партнер во Eng Service Trade Скопје, каде што е одговорна за формирање на стратегија за зголемување на пазарниот удел на компанијата.

Од 2018 година до денес, Сања Божиновска работи како независен енергетски консултант, фокусирајќи се на енергетски проекти, инвестиции, договори за PPA проекти за соларни централи, прекугранично тргување со енергија и работа на проекти за обновливи извори на енергија во ЦИЕ.

Во јавноста се појавија информации дека Божиновска има и бугарски пасош. Таа не ги демантираше тие наводи, туку објави дека од пред крајот на минатата година започнала постапка за испишување од бугарското државјанство, но таа сѐ уште не е завршена. Според наводите, бугарскиот пасош ѝ бил потребен за да управува со фирми во Бугарија. (Н.В.)