Во Дебар ќе се прегласува во избирачкото место во гимназијата „28 Ноември“
Управниот суд ја прифати жалбата на Алијанса за Албанците и Алтернатива за резултатите од гласањето по листите за кандидатите за градоначалник и советници на Општина Дебар, за избирачко место број 0543, и таму ќе се изврши прегласување. Ова гласачко место е во гимназијата „28 Ноември“. На изборите за градоначалник минатата недела таму најмногу гласови освои кандидатот на АА/А, Беким Поцеста – 271 гласови, додека кандидатот на ДУИ, Хекурам Дука, 195. Два гласа освои кандидатот на ДПА, Петрит Клења. Според резултатите што ги објави ДИК на Поцеста му недостигаа 29 гласа за победа уште во првиот круг. Тој освои 3.998, а Дука 3.713 гласови.
„Приговорот на коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива за повреда на постапката за гласање и сумирање на резултати предвидена со Изборниот законик, се уважува. Се поништуваат резулатите од гласањето по листите за кандидатите за градоначалник и советници на Општина Дебар, за избирачко место бр.0543“, стои во соопштението од Управниот суд.
Одлуката се однесува на жалбата на АА и Алтернатива која бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО.
Исто така, беше наведено дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата.