Во целата држава невакцинирани деца нема да се примаат во градинка


Министерот за здравство Илир Демири (Фото: Независен)

 

На територија на цела македонија ќе се вршат засилени контроли за тоа дали децата во градинка се вакцинирани или не, особено со ДиТепер вакцината, откако последниот период се зголемија случаите со магарешка кашлица.

„На државно ниво ќе има засилени прегледи инспекциски и ќе барам да се зголемат бројките на вакцинирани“, рече министерот за здравство Илир Демири, кој денеска присуствуваше на скрининг за глауком, што се спроведува на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Прашан дали мерката деца да не се примаат во градинка невакцинирани не е задоцнета, со оглед на тоа што помина речиси еден месец откако Комисијата за заштита од заразни болести ја препорача оваа мерка, откако прогласи и епидемија од голема кашлица во Скопје, Демири рече дека од денеска тоа е официјално со документ, но дека препораката се спроведувала и претходно. 

„Ние не функционираме само на писмено дадени нареби. Многу поодамна е пристапено, доволно е сензибилизирано и нема оправдување“, рече Демири, кој препораша уште еднаш, децата да се вакцинираат навремено, а не само кога има епидемии.

Инаку, од денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе почне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се целосно имунизирани со вакцината ДиТеПер против голема кашлица.

Ова во петокот го најавија од ДСЗИ откако ја добиле одлуката од министерот за здравство Илир Демири, врз основа на препораките од Комисијата за заштита од заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и да забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер.

Вонредните инспекциски надзори почнуваат денеска, 11 март, со издавање решение за забрана на прием на деца, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер, како и други наложени епидемиски мерки, појаснуваат од ДСЗИ.

Исто така, додаваат оттаму, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДиТеПер.

Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје – Скопје, истакнуваат од Инспекторатот.

Во Македонија до 7 март се регистрирани 173 болни од голема кашлица, од кои 151 во Скопје, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се во Скопје (43), а пријавени се и случаи во Тетово (3), Кочани (1), Кавадарци (1), Куманово (1) и Битола (1).

Возраста на заболените се движи од нула до 40 години, а најголем број случаи се деца на возраст од 10 до 14 години (15).