Во бугарско село со 600 жители регистрирани 10.000 Македонци како гласачи

Сите Македонци чии адреси за добивање бугарски пасош воделе кон трафостаница, ливади, градилиште, непостојна или иста адреса сега ќе добијат адреса на општините - и се тоа е легално за Софија


Над 10 илјади македонски граѓани имаат адресa во селото кај Благоевград, Бело Поле, пишува бугарскиот медиум „Труд“. Според написот, тие имаат бугарски пасоши и се регистрирани на различни адреси во селото. Неговото население е околу 600 луѓе, а напливот на Македонци  создава проблем во печатењето на избирачките списоци кои бројат 400 страници.

„Работата на комисиите во избирачките одделенија е доста тешка, бидејќи буквално се мачат со долгите хартии, долго копаат додека не ги најдат имињата на мештаните кои гласаат. Затоа, на сите избори има барање да се направи посебна изборна листа за Македонците, но тоа никогаш не се прифаќа. Според законот, право на глас имаат Македонците со бугарско државјанство и адреса на живеење, но досега никогаш не дошле да гласаат. На последните избори, избирачкиот список броеше 11.600 граѓани со право на глас, од кои само 600 беа локални гласачи.

„Да, навистина имаме над 10.000 пријавени македонски државјани, но се е легално. Никогаш досега не дошле да гласаат на бугарските избори. Тие се регистрираат на постоечки адреси и за секој регистриран има изјава и согласност потпишана од сопственикот на адресата на имотот. Навистина имаше проблем до неодамна, повеќето беа регистрирани на трафостаница, но ова е поправено и сменето. Јас лично како градоначалник мразам инспекции. Дали ако дојдат на  избори некаде ќе пишува дека има илјадници пријавени на една адреса и ќе почнат големи проверки?  Повторно велам, не се на иста адреса и се е легално“, коментира градоначалникот на Бело Поле, Иван Стојчев.

Прашањето за 10.000 жители на една адреса му беше поставено на вршителот на должноста премиер Димитар Главчев вчера при собраниската контрола на Борислав Гуцанов. Главчев увери дека ќе се провери не само за овој случај, туку и за сите податоци за регистрација на многу луѓе на една адреса.

Во соседното село Рилци имало илјадници Македонци регистрирани на една адреса или на ливади и градилишта, на што локалното население се жалело пред три години. Имаше дури и адреси наведени со броеви кои не постоеја. Општина Благоевград веднаш реагираше и одјави над 3.000 Македонци со бугарски пасоши. Стана практика во општините да се дава официјална адреса за вакви уписи, за да нема злоупотреби. Илјадници Македонци имаат регистрации и во Сандански и во Петрич“, пишува „Труд“.