Во Бугарија се намалува ДДВ на храната во рестораните и угостителските услуги од 20 на 9 отсто


Бугарскиот парламент го прифати владиниот предлог за намалување на стапката на данок на додадена вредност (ДДВ) на храната во рестораните и угостителските услуги, од 20 отсто на девет проценти, почнувајќи од јули.

Пониските даноци ќе останат во сила до крајот на 2021 година, како привремена мерка насочена за поддршка на закрепнување на секторот, што тешко е погоден од пандемијата со новиот коронавирус.

Намалувањето на ДДВ нема да се однесува на алкохолни пијалоци во рестораните и кетеринг услугите, на кои ќе се плаќа ДДВ од 20 проценти.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов изнесе план за намалување на даноците минатиот месец и покрај противењето на министерот за финансии. Тој, исто така, се најде на мета на критики од економистите, кои тврдат дека тоа ќе поттикне многу други сектори да бараат намалување на даноците.