Во борбите за сирискиот град Рас ал Аин загинаа 14 турски војници
Четиринаесет турски војници се убиени во борби за сирискиот град Рас ал Аин, објави телевизијата Ал-Мајадин, повикувајќи се на курдски извори.
Претходно курдските Сириски демократски сили соопштија дека уништиле четири турски тенкови во областа на градот Тал Абјад.
Курдите исто така тврдат и дека ја одбиле турската копнена офанзива во североисточна Сирија.
Во тек се жестоки борби меѓу турските трупи и борците на сириските демократски сили во села на границата меѓу двете земји, изјави денеска курдски претставник.
– Жестоките борби продолжуваат додека турските сили се обидуваат да влезат во села на границата, изјави Мавран Камишло, портпарол на сириските демократски сили, организација предводена од сириските Курди.
Турското Министерство за одбрана претходно соопшти дека армијата продолжува да напредува кон курдските борци во северна Сирија.
Турски трупи и нивните сириски бунтовнички сојузници вчера навлегоа во североисточна Сирија, со што почна турската инвазија, при што загинаа 15 цивили, а 20 се повредени.