Во Битола жена си ги пресекла вените за да се спаси од тепањето на поранешниот партнер
Вистински ужас се случувал во викендичка во селото Нижеполе. Насилникот кој крвнички ја тепал поранешната партнерка е во бегство
БИТОЛА – Девојка на 24 години од Битола посегнала по својот живот по свирепото насилство од нејзиниот поранешен партнер. Насилникот ја зел од дома, ја тепал во автомобилот, ја заклучил во вила во Нижеполе во Потпелистерието, а таа посегнала по својот живот и си ги исекла вените од левата рака, но насилникот не запрел и продолжил да ја удира.
Од Битолската клиничка болница за „Независен“ велат дека пациентката побарала лекарска помош, но не била хоспитализирана.
Денеска Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 39-годишен битолчанец, осомничен за дело – Противправно лишување од слобода од член 140 став 5 во врска со став 2 и со став 1, како и – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„На 21 октомври, при вршење на семејно насилство и на свиреп начин, осомничениот противправно ја затворил и ја држел затворена, а потоа и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка. Оштетената, пред нејзината куќа, влегла во неговото возило. Тој започнал да вози и најпрво со тупаница ја удрил во пределот на главата. Потоа ја однел во неговата викендичка во Нижеполе, каде насилно ја турнал, ја заклучил и додека ја држел затворена, еден час ја удирал со шлаканици, тупаници и клоци по главата и телото“, објавија од ОЈО Битола.
Од таму велат дека оштетената не можела повеќе да го издржи ваквото негово насилничко однесување, „па посегнала по нож од кујната со кој си ги исекла вените на левата рака“. Но, осомничениот продолжил свирепо да ја удира, нанесувајќи и повеќе телесни повреди.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, меѓутоа речиси една недела осомничениот е во бегство.
„Притворската мерка ќе започне да се спроведува сметано од денот на неговото пронаоѓање, лишување од слобода и приведување.“, наведуваат од ОЈО Битола.
Неофицијално се дознава дека тепаната жена работела во МВР. (А.Б.)