Во Битола треба да се заштитат уште десетици други згради, не само Ислахането


Што ќе се прави со Ислахането, чија зграда е во ужасна состојба (Фото: А. Блажевска)

Зградата на Ислахането е во ужасна состојба, фасадата се распаѓа, прозорците искршени. Тоа се продава, а градските и републичките музејски власти во него уште не влегле. Сегашен сопственик на Ислахането е радовишката фирма „Марди“

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – После 120 години од изградбата, Ислахането во Битола влезе на списокот на објекти под привремена заштита, по што ќе се знае кој статус ќе го добие како споменик од културата. Објектот е во ужасна состојба, фасадата се распаѓа, прозорците искршени, а сѐ околу зачинето со многу ѓубре. Министерката за култура Ирена Стефоска дојде во Битола и од пред руинираниот објект испрати порака дека „дефинирањето на режимот на негова заштита ќе зависи од ревалоризацијата на објектот која е во тек“, велејќи дека „Онаму каде што пишува – ‘Објектот се продава’, нека се допише – ‘Објектот е заштитен’“.

Но, освен поставената говорница и дадените изјави од пред објектот, ниту министерката, ниту стручните лица од Завод и музеј Битола, не влегле внатре во Ислахането да видат во каква состојба е објектот. Немаат пристап, зашто тој е во приватна сопственост. За тоа како некогаш изгледало Ислахането, на вратата беше поставена фотографија од браќата Манаки.

Парцелата на која се наоѓа Ислаханото е земјиште во сопственост на државата Македонија, а моментално на таа парцела се изградени дури 21 објект. Немаме податоци кога Ислахането преминало во приватна сопственост, ниту чии се останатите објекти изградени покрај него. Последна во објектот работеше фабрика за кондиторски производи „Прогрес“. Според податоците од Катастарот сопственик на објектот на поранешното Ислахане е радовишката фирма „Марди“ ДОО, која поседува уште неколку други објекти во Битола. 

Сопственичката на објектот во телефонски разговор за „Независен“ потврди дека „Марди“ е сопственик на објектот, но подетални информации за продажбата и што ќе значат последните чекори на Министерството за култура за нив, најави за друга прилика. Објектот се продава и има можност за продажба на делови – приземје 1.523 метри квадратни, прв спрат 1.330 метри квадратни и подрум 559 метри квадратни.

На парцелата каде е Ислахането има објекти кои се со индустриско значење, како производство на макарони, шпедиција, магацини за сувомеснати производи.

Ислахането почнало да се гради во 1899 година за време на султанот Абдулхамид како индустриско училиште (Фото: А. Блажевска)

Всушност да не беше натписот на фасадата дека објектот „Се продава“ и да не го привлечеше вниманието на медиумите, уште долго битолското Ислахане немаше да биде во фокусот на вниманието на Министерството за култура, кое веднаш го стави објектот под привремена заштита со статус на посебно заштитено културно добро.

Но, познавачите на состојбите за „Независен“ велат дека  покрај Ислахането во централното градско јадро во Битола пропаѓаат уште многу други значајни објекти, кои не го добиле должното внимание.

„Ислахането е само еден од објектите што пропаѓаат. Објект почнал да се гради од 1899 година, од тогаш тој објект ниту некој го чепнал ниту пак го спомнал, туку со годините до објектот е градено и доградувано, а на тоа никој не реагирал, ниту една институција. Така е сѐ до април 2021 година, кога наеднаш власта се сети дека во Битола има Ислахане. Ако ме прашувате како архитект што може сега да се спаси од објектот, може само да се реконструира надворешната фасада и тоа само однапред, зошто назад и околу се прилепени едно чудо објекти. Едно е сигурно дека Ислахането и од оваа позиција не може да добие статус на објект од големо значење или исклучително значење, бидејќи и од сам почеток Ислахането нема такво значење, тоа било занаетчиско училиште со некаква индустриска намена. Или за да разберат битолчани овој објект не е Офицерскиот дом, не е Саат кулата во Битола или Јени Џамија“, вели за „Независен“ архитект од Битола, чие име е познато на редакција.

Иако Ислахането не е Офицерскиот дом сепак има свое значање за историјата на Битола. Во наредната година за него треба да се изработи елаборат, решение пропишано со закон. Треба да се одреди режим на заштита и да се пропише како ќе се постапува со објектот.

Ислахането почнало да се гради во 1899 година за време на султанот Абдулхамид како индустриско училиште. Поглед на задната страна на зградата (Фото: А. Блажевска)

„Сопственоста на објектот е независна од режимот на заштита. Ваквите објекти имаат подеднаков третман без оглед дали се во приватна или државна сопственост. Ќе биде валоризиран како индивидуален споменик на културата. Ислахането во овој момент е ставен под режим на привремена заштита, значи дека ние сме со закон обврзани во наредниот временски период да изработиме елаборат за валоризација, по што ќе се знае овој индивидуален објект под кој степен на заштита ќе биде ставен во иднина. Со тоа ќе се определи и кои интервенции можат да се извршат врз објектот. Значи, додека не се направи валоризација врз објектот не смее да има интервенции, односно, додека да се утврди неговата категорија како индивидуален споменик на културата“, вели Мери Стојанова, директор на Завод и музеј Битола во изјава за „Независен“.

Според Стојанова, Ислахането и досега беше валоризиран како целина во еден поширок опфат во кој влегуваат и други објекти, меѓу кои и Железничката станица во Битола, која е во непосредна близина, но сега ќе се валоризира како индивидуален споменик на културата. 

„Штом ќе започнеме со елаборатот за валоризација ние ќе побараме пристап внатре, бидејќи објектот е приватен. Нашите екипи ќе влезат внатре со цел да се покријат сите параметри потребни за елаборатот“, вели Стојанова. 

Помпезните столбови на влезот речиси едвај се држат (Фото: А. Блажевска)

Засега, главната цел е валоризација на зградата. А што понатаму би се правело е нејасно. Дали државата ќе обезбеди пари да го откупи од фирмата „Марди“ и потоа ќе го реновира; дали ќе го претвори во некаков објект како културна установа (уметничка галерија, на пример) или ќе се одлучи за нешто сосема друго веројатно допрва ќе се одлучува секако во соработка со градските власти. Има многу примери кога вакви слични објекти биле претворени во културни јадра.

Ислахането, како објект од световeн карактер изграден на преминот од 19. во 20. век, всушност е училиште за занаети и уметности од османлискиот период и заедно со солунското, се последните два сочувани објекти од ваков тип на Балканот.

„Битолското и солунското ислахане се последните два сочувани објекта на Балканот од изградените седум. Подигнати во османлискиот период, во текот на деветнаесетиот век, со донации од имотното месно население, имале исклучителна улога – да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, децата кои подавале рака за корка леб. Давајќи им занает токму во овој објект, многу деца израснале во почитувани луѓе“, рече министерката Стефоска, додавајќи дека за жал војните, времето и негрижата се отсликани на Ислахането.

Архитектонски, Ислахането е монументален објект во неокласичен и неоренесансен стил главно сличен на многу јавни институции во времето на султанот Абдулхамид, со големо влијание на тогашната париска школа. Сите градби на ислахани и идадии биле проектирани од тогашното Министерство за урбанизам во согласност со големината на градот и на населението. Тоа е главно државна емпир архитектура, двоспратна со симетрично поставени правоаголни прозорци во три реда, влезните елементи на градбата биле украсени со столбови и големи скалила кои давале импозантен изглед на градбата, стои во информацијата за историјатот на Ислахането објавена од Министерство за култура.