Во Битола почна продажбата на станови за 1.000 евра за квадрат


Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на републиката денеска почна со продажба на 65 станови во станбена единица во градба во Битола.

Новата зграда е лоцирана во старата битолска касарна која последнава декада добива нов урбан лик овозможен со детален урбанистички план на овој дел од градот.

Од Општина Битола информираат дека во периодот од 2022 до 2025 година евидентирани се 15 барања за изградба на згради во градот.

-За изградба на згради, со намена А2 во 2022 година беа издадени пет одобренија за градба, во 2023 и 2024 година издадени се по две одобренија, а за 2025 година во овој момент во постапка се шест предмети поврзани со барања за изградба на згради, потврдија од тамошната локална самоуправа.

 

Новиот проект, инициран од Владата освен 65 станови, нуди и 7 паркинг места на истата локација кои ќе се продаваат по пат на усно јавно наддавање. Почетната единечна цена за стан без ДДВ е 1.000 евра, а на располагање се станови со површина од 38,25 м2 до 79,75 квадратни метри. Дел од становите се со посебен распоред, проектирани за лица со инвалидитет. Огласот ќе биде отворен до 3 март, до кога се огласени и седумте паркинг места кои исто така ќе се продаваат по пат на усно јавно наддавање со почетна цена од 500 евра.

Во денешниот јавен оглас на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на републиката-Скопје се посочува дека критериум за избор е најповолниот понудувач, односно највисока понудена единечна цена за стан по квадратен метар без ДДВ, или највисока понудена цена за паркинг место без ДДВ и без данок на промет со недвижности.

Јавното наддавање ќе се одржи на 17 и 18 март во Битола во просториите на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значењена републиката.