Во Битола и кравите се „градски“, често пасат на Градското шеталиште
БИТОЛА – Во Битола и кравите се „градски“ велат битолчани, оти често можат да се видат како пасат на Градското шеталиште, додека овципасат во елитната населба Златен рид. Деновиве крави пасеа и во паркот на Офицерски дом во Битола, кој изминатиот период се пошумуваше со мали дрвца и се раззелени со трева.
Двајца сточари од Битола, едниот лоциран со фармата со крави во близина на старата индустриска зона, другиот со бачило на ридот на поранешната касарна често стоката ја пуштаат да пасе низ град. Така беше и деновиве кога крави од блиската фарма повторно пасеше во Градското шеталиште, среде бел ден каде битолчани ги шетаат своите деца и внуци. Згора на ова кравите овие денови го запоседнаа и паркот на Офицерскиот дом. Кравите се фотографирани од граѓани како ги глодаат младите дрвца. Стоката се движи и на фреквентната улица „Партизанска“ каде сообраќајот е густ во текот на денот.
Битолчани на социјалните мрежи реагираат дека кравите не само што станале „градски“ туку дека „Битола наликува на Швајцарија“.
И двете фарми често се казнувани од комуналната инспекција на Општина Битола, но според Законот за јавна чистота, казната е минимална – 3.000 денари, па сточарите и да им се одземе стоката привремено, ја плаќаат казната и повторно ги пуштаат на испаша во градските паркови низ Битола.
Овците од блиското бачило на Златен рид, пасат меѓу зградите на населбата, а вистинска закана за минувачите се овчарските кучиња кои напати се сериозна закана за минувачи поради нивната посесивност да ја заштитат стоката.
Од Општина Битола велат дека комуналниот инспекторат реагира по пријавите и врши превентивни контроли, а изрекува и казни против сопствениците на стоката кои ги прекршуваат законите и општинските одлуки.
Сточари велат дека дозвола за чување на стоката се стекнува преку АХВ. (А.Б.)