Во белешките на УБК стои дека Палевски планирал атентат на Заев? Во Хрватска условно е осуден


Фото: Б. Грданоски

Љупчо Палевски, првообвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, денеска во судот обвини за политички прогон. Тој одговараше на прашања од обвинителките.

Обвинителките се повикаа на податоците од казнената евиденција на Палевски и рекоа дека тој бил осудуван повеќе пати во текот на изминатите 20 години.

– Осуден сте со правосилна пресуда од Општински суд Задар, Хрватска за две кривични дела за измама во економско работење, изречена ви била условна осуда. Потоа, со правосилна пресуда на општински суд Задар, за две кривични дела против платниот промет, за презадолженост и невозможност за плаќање, на единствена казна затвор од 8 месеци. Осуден сте со пресуда од Основен суд Скопје 1, за кривично дело измама, со условна осуда. Со пресуда од Основен суд Скопје 1 во постапка која почнала од 2007 година за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, за кое на 19.12.2013 ви била изречена условна осуда, затвор 8 месеци, услов 2 години. Во 2020 не сте ги почитувале прописите за време на епидемија и сте сториле кривично дело, за што сте биле условно казнет. Во вашата евиденција постои и постапка против вас за кривично дело оддавање службена тајна. Сето ова очигледно укажува дека имате проблем со почитување на законите, долг период постапувате противзаконито, за што не се донесени правосилни пресуди. Противправните дејствија ви се својствени и не почитувате закон, така?

– Му благодарам на Јавното обвинителство што го постави ова прашање. Ниту еднаш не се спомна какво било кривично дело врзано со насилство, грабнување и убивање луѓе. Заборави да каже дека условни се пресудите во Хрватска, за неплатени фактури од правен субјект, а не од мене како физичко лице, осуден во отсуство. Со Хорват Инчиќ, основач на СЈО, организираат да седам во притвор во Белград за кривичен случај за кој се бара условна казна. Судијката, за да си ја заштити сопствената држава, за да не ја тужам Хрватска, се договори со мене екстрадицискиот притвор во Белград да биде и казната, по што бев веднаш ослободен. Го потсетувам Обвинителството дека повторно крши закон и не извадило од Основниот суд во Прилеп, пресуда на 3 години затвор – рече Палевски.

– Добро, во ред… – рече обвинителката.

– Не, не е во ред, не ме прекинувајте. Јас само ја дополнувам казнената евиденција. Осуден сум за пресретнување, снимање на комуникации телефонски, без разлика што колегата јавен обвинител од Прилеп барал условна казна за такво сериозно дело. Таа пресуда е донесена додека сум во притвор во Скопје, во мое отсутсво, во судот во Прилеп. Обвинителството намерно ја испушти оваа пресуда во казнената евиденција што докажува намера на овој политичко правосуден систем да се справува со политички противници – рече Палевски.

Тој додаде дека од 2016 година наведените снимени телефонски разговори ниту еднаш не биле злоупотребени. Палевски рече дека добил известување од Јавното обвинителство дека е отворена истрага за трговија со распрскувачки материјали и недозволено држење муниција. Отворен бил предмет за 18 куршуми од 9 мм, пронајдени 2020 година, во неговиот дом, заедно со пиштолот за кој поседувал дозвола.

– После 5 години се досетиле дека токму сега треба да се отвори за мене уште една истрага, а Обвинителството не ја спомена во овој спосок на сторени дела од Палевски. Госпоѓо обвинителеке, сите дела кои ги набројавте имаат вкупна вредност од 4.000 евра штета, неплатени фактури на фирма на која сум сопственик. Штетата е надоместена и условно сум осуден. Но, споменатата постапка, која е во тек, за оддавање службена тајна, е процес во кој ме судат за објавени службени белешки од тогашна УБК, денес АНБ, во кои белешки точно е наведено дека сум незаконски прислушкуван. АНБ ја потврди веродостојноста на она што сум го објавил, дека пред референдумот во 2018 годна сум сликан, физички следен и има 10 цитати од мои разговори. Направив прес-конференција, го повикав Јавното обвинителство да ме повика и да ме испита, затоа што во службените белешки беше напишано дека сум организирал атентат на Зоран Заев. Тоа е напишано во документи на тогашната УБК, и тоа беше причина јас да одговарам пред Судот за оддавање службена тајна. А јас немам никаква обврска околу службени тајни, затоа што не работам во безбедносна институција – рече Палевски.

– Ако во нашата држава сите пресуди се донесени поради ваш политички прогон, тогаш и во Хрватска ли бевте осуден за политички прогон? – праша обвинителката.

– Јас бев многу прецизен за Хрватска. Не. Не беше политички прогон. Ако беше така, јас ќе кажев, немаше потреба од дополнително прашање. Да го повторам износот, 4.000 евра, не сте го запомниле – рече Палевски.

Судијата го опомена да не биде арогантен, а тој рече дека сака да објасни дека не рекол дека во Хрватска бил осуден поради политички прогон.

– За разлика, од година и пол подговотка за судење и не ставање во список пресуда за пресретнување и снимање телефонски разговори, за разлика од онаа која во овој суд застаре – не прислушкувале УБК огромен број граѓани и политичари, туку Љупчо Палевски, потврдено со пресуда. Тоа сум го направил со две камери и еден аудиомиксер, а колегата обвинител, побарал одземање на тие две камери и аудиомиксер, затоа што со нив сум прислушкувал. Тоа е директно политичко влијание и злоупотреба на правдата, затоа што јас сум достапен на овој систем 15 месеци, од кои 11 и пол месеци во Македонија. Тоа е политички прогон, а не она што вие го тврдите. Оваа евиденција која ви ја прочитав е прибавена во март 2024 година – рече Палевски и додаде дека не ја коментира пресудата.

Во врска со неговото заминување во Белград на 30 ноември 2023 година, Палевски рече дека причината била здравствена состојба.

-Понесов медицинска документација, два ЦД-а со магнетна резонанца, а во Белград требаше да добијам второ стручно мислење. Тоа беше мојата цел, рече тој.

За екстрадицијата од Турција, тврди дека целата постапка била регуларна, освен што бил сликан од инспектор од Интерпол.

-Еден од инспекторите во Интерпол ме изнесе во ходник, ме сликаше и пред мене на „What’s up” ме испрати на министерот Оливер Спасовски. Потоа, мојот адвокат од Турција ми испрати испечатени наслови од медиумите каде ја видов сликата во Македонија. Тоа се класични ваши злоупотреби и на предистражната и на самата истрага, каде ги сликате осомничените и ги праќате по медиуми како службени лица овластени за законска истрага и немало ниту бегање, ниту сум променил град на престој од сознанието дека сум осомничен, рече Палевски.

Според Палевски, целиот процес е „конструиран политички прогон“, а неговиот адвокат Јовица Страшевски, забележа дека прашањата на Обвинителството „не се релевантни за предметот, туку служат само за создавање слика во јавноста“.

Судењето продолжува со вкрстени прашања од Обвинителството во врска со податоците од неговиот мобилен уред возилото Рено Кангу.

Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.  

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.