Во август почнува изградбата на автопатот Скопје-Блаце: 235 милиони евра за 12 километри

Автопатот е патна артерија која Македонија ја поврзува со Косово и Црна Гора. Косово го изгради неговиот дел од автопатот „Арбен Џафери“ од Приштина до ГП „Блаце“


Потпишување на договор за грант меѓу ЈПДЈ и ЕБОР за автопатот Скопје - Блаце (Фото: Б. Грданоски)

 

За четири години од сега треба да биде готов автопатот Скопје-Блаце, во должина од 12 километри, а за него преку ЕБОР се обезбедени 30,8 милиони евра грант и заем од 167,6 милиони евра. Европската унија обезбедува 41 милион евра грантови, од кои 37 милиони евра се наменети за изградба и надзор, додека вкупната вредност на проектот, заедно со заемот од ЕБОР и националното кофинансирање, надминува 235 милиони евра. 

Со оглед на тоа што се работи за изклучително тежок терен на падините на Скопска Црна Гора, патот предвидува пет тунели, девет мостови, 11 потпатници, четири галерии и 9 потпорни ѕидови за стабилност.

Фото: Б. Грданоски

Изградбата треба да почне во август годинава, а рокот за изградба е четири години.

Како што појасни директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, веќе се избрани консултант и изведувач, а надзорот е во процес на евалуација.

Конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри.

Патот што ќе се гради е во должина од 10,5 километри, а со претходно направените 1,5 км, вкупната должина на автопатот е 12 км. Вкупната ширина пак е 27 метри.

Овој пат треба да ги приближи граѓаните меѓу Македонија и Косово.

Директорот на Европската банка за обнова и развој во Северна Македонија, Фатих Турменоглу, истакна дека проектот ќе придонесе за подобрување на регионалната поврзаност и економскиот развој.

„Ова е одличен проект за земјата затоа што ја подобрува регионалната поврзаност, особено со Косово, а го поддржува и економскиот раст, што е навистина мошне важно, особено за создавање нови работни места“, рече Турменоглу.

Тој нагласи дека ЕБОР обезбедил 167 милиони евра и дека Банката останува посветена на поддршката на развојните проекти во земјата, додавајќи дека реализацијата на проектот е резултат на повеќемесечна работа на институциите, банката и Делегацијата на Европската Унија.

Автопатот е витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. За да се забрза изградбата, беше поделен на две делници: едната од граничниот премин до клучката Блаце, а другата од клучката кај спортскиот аеродромот „Стенковец“ до селото Блаце. Но, за шест години се изградија само два километри, кои не беа во функција. Косово го изгради неговиот дел од автопатот „Арбен Џафери“ од Приштина до граничниот премин „Блаце“, во должина 65 километри за шест години и тој е во функција веќе седум години.

„Овој коридор е исклучително значен зашто Македонија ја поврзува со Косово и со Црна Гора, на дневна основа многу патници поминуваат по него, а со поврзувањето и со Косово и со Црна Гора се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис, за македонското стопанство, тоа е пристаништето во Бар“, истакна министерот за транспорт и врски Александар Николоски.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, нагласи дека проектот има значење што оди многу подалеку од самата инфраструктурна инвестиција.

„Денешното потпишување е многу повеќе од финансирање инфраструктура. Станува збор за инвестирање во иднината на земјата, во поголема регионална поврзаност и приближување на земјата до Европската унија преку конкретни проекти што ги подобруваат животите на луѓето“, рече Рокас.

Тој информираше дека Европската унија обезбедува 41 милион евра грантови, од кои 37 милиони евра се наменети за изградба и надзор, додека вкупната вредност на проектот, заедно со заемот од ЕБОР и националното кофинансирање, надминува 235 милиони евра. (Б.Б.)