ВМРО на Каракачанов не влегува во парламентот, пирова победа на Борисов


Лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, е еден од главните победници на изборите

Жешка изборна шлаканица за партиите што беа во досегашниот парламент. катастрофа за БСП. По подолго време во собранието нема да има екстремна националистичка партија

 

Партијата на премиерот Бојко Борисов, ГЕРБ, победи на изборите во Бугарија, но изгледа дека тоа ќе биде горчлива победа, затоа што формирањето нова влада ќе биде речиси невозможна мисија за него. Според резултатите од 98,07 отсто официјално избројани гласови, втора партија е Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, а националистите од ВМРО остануваат надвор од парламентот затоа што не можат да ја поминат границата од четири проценти. Овие резултати покажуваат дека на Бугарите им се смачи од корупцијата, од националистичката реторика и од закоскената политичка структура. 

Во парламентот влегуваат дури три нови партии изродени од големите протести минатото лето поради корупцијата и недопирливоста на олигарсите, кои имаат заштита од обвинителството и полицијата. 

Бугарските медиуми пишуваат дека резултатите се жешка шлаканица за сите партии кои се во сегашниот парламент и дека по долго време во собранието нема да има партии со екстремна националистичка програма. Бугарите се незадоволни од досегашното владеење обележано со корупција и голем притисок врз медиумите и јасно е дека пораките од протестите од минатото лето, иако беа прекинати есента поради короната, сѐ уште одѕвонуваат кај луѓето.

Друг важен резултат од изборите е катастрофата на Бугарската социјалистичка партија (БСП), која освои само половина од гласовите пред четири години. БСП како да не разбра што се случува во општеството и остана нереформирана, без модерна порака, како да живее на почетокот на 1990-тите. За неа ковид-кризата имаше посебен удар, бидејќи се потпира главно врз постарите гласачи, а тие поради стравот од короната во голема мерка останаа дома и не излегоа на биралиштата.  

Според резултатите, победата на коалицијата на премиерот – ГЕРБ и СДС е со 26,11% од гласовите (пред четири години 32,7 отсто). Втора политичка сила е Има таков народ на Слави Трифонов со дури 17,76 проценти. Трета партија е е БСП со 14,98 отсто.

Извонреден успех покажува проевропската партија Демократска Бугарија на борецот против корупцијата Христо Иванов (министер за правда во втората влада на Борисов) која освои 9,56 отсто, а пред неа е партијата околу која гравитираат етничките Турци, ДПС, со 10,28 проценти.

Последната политичка формација што успеа да ја премине изборната бариера е протестирачката коалиција „Исправи се. Мутри надвор“ на Маја Манолова и Отровното трио. Таа има 4,76 отсто од гласовите.

Засега најголем губитник е ВМРО, кое има 3,66 отсто од гласовите. Партијата на Красимир Каракачанов одлучи да се раздели од коалицијата „Обединети патриоти“, верувајќи дека сама може да го прескокне изборниот праг, но според досегашните резултати тоа не ѝ успеа. Бидејќи остануваат да се пребројат уште 3,65 отсто од гласовите, речиси целосно сигурно е дека партијата на Каракачанов нема да го помине прагот. Другите две партии од националистичката коалиција се далеку од поминувањето на прагот. И десничарските популисти од партијата Волја (досега имаа 12 пратеници во собранието) немаат шанси да влезат во парламентот.

Проруската партија АБВ освои само 0,47 отсто, а либералната Републиканци за Бугарија 1,27 отсто, што е важно затоа што само партиите кои освоиле над еден отсто добиваат парична помош од државата.

Вториот важен резултат од овие избори е што по долго време ГЕРБ на Борисов не е победник во Софија, пред неа е убедливо Има таков народ. Тоа за Борисов е особено болен пораз затоа што политичката кариера ја почна како градоначалник на Софија.

Според резултатите од гласачите во странство (избројани 87 отсто) партијата на Слави Трифонов ја освои најголемата поддршка (29,8 отсто) а по неа се Демократска Бугарија и ДПС. Поддршаката за Борисов од оние што работат и живеат во странство е многу мала, едвај 8,7 проценти.

Очигледно во Бугарија дојде моментот за промена, но никој, барем утринава, не знае како ќе се развиваат работите. Едно е сосема јасно, ГЕРБ победи, но тоа е пирова победа и прашање е дали може да биде и дел од власта, а не да ја предводи.

Премиерот Бојко Борисов ноќеска околу полноќ, кога се знаеја податоците од излезните анкети се појави преку Фејсбук вклучување покрај неговиот џип (заштитната алатка во кампањата) да испрати една не до крај јасна порака – и дека е за некаква влада со експерти, и дека тој бил најпрепознатливото лице на Бугарија во Европа и него најмногу го знаеле. „Драго ми е што влегуваат повеќе партии во парламентот затоа што ми сме смачи сам да ја носам одговорноста“, рече Борисов, но тоа беше кисела порака. Во тоа време излезните анкети покажуваа дека ВМРО, сепак, може да го помине изборниот праг, но официјалните резултати сега покажуваат нешто друго. Дека за Бугарите е многу поважна антикорупциската порака отколку големата националистичка одбрана на бугарските интереси во спорот со Македонија и ветото во ЕУ.  (Љ.П.)