Бранимир Јовановиќ ја фали економската програма на Студентската листа
Програмата за економија и финансии на Студентска листа -Студентите победуваат претставува чекор во вистинска насока и поставува добри основи за идната економска политика на Србија, оцени економистот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ.
Јовановиќ посочуваи дека документот треба дополнително да се прошири и подобро да се разработи, особено во деловите за поддршка на растот на претпријатијата, мерките за приоритетните области и даночната реформа. Според него, студентската програма се темели на три главни столба – транспарентност на јавните финансии, напуштање на моделот на евтина работна сила и воведување економска и социјална правда.
Во рамки на првиот столб се предвидува објавување на сите државни договори, вклучувајќи ги и договорите за задолжување, укинување на практиката на склучување договори преку посебни закони (лекс специјалис) и преиспитување на спорните проекти како „Експо“. Јовановиќ оцени дека овие намери водат кон поодговорно управување со јавните пари, но нагласи дека од пресудно значење е спроведувањето на одговорноста за оние што го прекршиле законот во минатото.
Вториот столб, кој предвидува напуштање на моделот за привлекување странски инвестиции преку ниски даноци и плати, Јовановиќ го означи како суштински. Новиот модел се фокусира на домашни иновативни претпријатија преку формирање Развојна банка, поддршка за старт-ап компании и поврзување на државата, универзитетите и фирмите. Тој предупреди дека Србија и досега доделувала грантови за старт-ап компании без значителни резултати, па затоа Развојната банка мора да го финансира и нивното прераснување во големи претпријатија.
Третиот столб за економска и социјална правда опфаќа воведување прогресивен данок, забрана за приватизација на јавните претпријатија и обврска трговските синџири јавно да ги објавуваат цените. Јовановиќ оцени дека овој дел е најмалку разработен, бидејќи предвидува повеќе даночни разреди и зголемување на неоданочивиот дел, но без објавени конкретни стапки. Тој додаде дека програмата не предвидува укинување на ограничувањето на основицата за пресметка на придонесите, поради што граѓаните со највисоки примања во Србија плаќаат пониска ефективна стапка од оние со ниски примања, додека од прогресивниот данок на имот и наследство не очекува големи буџетски приходи.