ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром излажа за четири градинки, сега ветува пет

ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром излажа за четири градинки, сега ветува пет – лагата ја менуваат со поголема лага, реагираа од СДСМ на предизборната најава од владеечката партија за општина Аеродром.
-Во изминатите четири години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените четири нови градинки. Овие градинки беа прв приоритет во програмата на Муцунски и Митески, со кои ја бараа довербата на граѓаните – нови објекти во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче. Четири години подоцна, резултатот е јасен: ниту една од овие ветени градинки не е изградена.
Денеска, Дејан Митевски по стапките на Тимчо Муцунски пред граѓаните настапува со поголема лага: дека ќе изгради пет нови градинки. Ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ во општина Аеродром е безобразно и срамно! Над 700 деца секоја година остануваат на листа за чекање поради недостиг на капацитети. Затоа го прашуваме в.д. градоначалникот Дејан Митески и неговиот претходник Муцунски:
Каде е ветената градинка кај ОУ „Браќа Миладиновци“?
Каде е ветената градинка во дворот на ОУ „Блаже Конески“?
Каде е ветената градинка кај последна 17-ка на Тодор Чангов?
Каде е ветената градинка во Долно Лисиче?
Полни усти со ветувања пред изборите во 2021 година, четири години подоцна уште поголеми ветувања, а нула реализација. Граѓаните на Аеродром не заслужуваат вакви лажни проекти и лажни ветувања, оценуваат од СДСМ.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе продолжи да го поддржува развојот на Општина Аеродром и дека, имајќи предвид дека во општина Аеродром градинките се преполни со деца и ги надминуваат капацитетите за сместување, ветуви во следниот четири годишен мандат изградба на пет детски градинки, и тоа во населбите Долно Лисиче, населба Лисиче, Јане Сандански, Мичурин, како и Острово со капаците на вкупно 700 дечиња.
-Со ова ќе го решиме проблемот на престој на дечињата и ќе ја намалиме листата на чекање. Ќе обезбедиме модерно уредени детски градинки по највисоки стандарди, каде што најмалите ќе можат да ги добијат најдобрите услови на згрижување, воспитно-образовни активности како и развивање на социјалните вештини.
Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за општина Аеродром за локалните избори нуди мерки за сите категории на граѓани, од најмалите до највозрасните. Идниот градоначалник Дејан Митески и советот предводен од ВМРО-ДПМНЕ со проекти и работа ќе обезбедат подобра иднина за сите граѓани, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.