ВМРО-ДПМНЕ тврди: Заев сменил член на историската комисија со Бугарија


Заев сменил член на историската комисија кој преговара со бугарската страна. Дали со ова врши директен притисок како тие во иднина да  одлучуваат и ги елиминира тие што му даваат отпор?- праша денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Дојче Веле“. 

-Она што е загрижувачки е тоа што Заев по линијата на помал отпор и неговиот свиткан ‘рбет, наместо во позитива да ги смени околностите за Македонија, тој сменил член на историската комисија кој преговара со бугарската страна. Оттука, нејасно е дали е тоа поради фактот што историската комисија одбива да ги прифати искривените, и пред се’, неточни тврдења на Заев поврзани со историските факти кои се вграден дел од нашиот идентитет. Дали Заев со тоа што менува член на комисијата врши директен притисок како тие во иднина да одлучуваат? Ние како опозиција немаме детали информации за разговорите со Бугарија, а ќе споменам дека Заев одбиваше лидерска средба на оваа тема. Оттука, деталите ги добиваме од неофицијални канали и од медиумите, изјави Мицкоски.

Околу воведувањето на посредници, односно олеснувачи во преговорите со Бугарија, Мицкоски смета тоа е повеќе од симболичен, отколку од суштински карактер. Она што е важно, е што Владата не приоѓа искрено во процесот, додава Мицкоски.

-Колку и да се обидуваат да кријат од јавноста, сепак останува фактот што го кажав уште пред три месеци – дека во игра е додаток на Договорот со Бугарија, било да го нарекуваат анекс, нов договор или додаток, како сакате, сепак тука се преговара директно за идентитетот. Дека има некаков анекс на Договорот е потврдено од највисоките владини претставници на Бугарија, а ако не е така, тогаш каде е демантот од Владата или нашето МНР. Нема таква работа, дециден е Мицкоски.