ВМРО-ДПМНЕ тврди дека кандидати за советници на СДСМ натепале странци

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска излезе со обвинувања против СДСМ во Струмица, тврдејќи дека нивни кандидати за советници биле директни учесници во физички напад врз странски државјани.
„Вистинската СДС се покажува на дело – кандидати за советници во Советот на општина Струмица, Христијан Ефтимов, кој е и претседател на младите на СДС, заедно со Илија Стојанов, крвнички тепаа странци во Струмица. Ве замолувам да го проследиме видеото“, изјави Манасиевски на прес-конференција.
Тој додаде дека со овој настан, целата јавност може да види на каков начин владее СДС во Струмица – „со страв и терор, наместо со идеи, програма и визија“.
Според Манасиевски, дел од останатите кандидати од советничката листа на СДС имаат кривични и прекршочни пријави, што, како што рече, дополнително ја потврдува насилната политика на оваа партија.
„МВР веќе има поднесено кривични пријави, но судството – како и во многу други случаи – сè уште нема донесено никаква правна разрешница“, рече Манасиевски, додавајќи дека бара осуда и јасно оградување од страна на СДС и локалното раководство.
Според него, насилниците не смеат да бидат иднината на Струмица, а време е, како што истакна, „за вистинска промена во градот“.