ВМРО-ДПМНЕ тврди дека има злоупотреби при субвенционирањето на инвертерите


Светлана Колариќ, советничка во Советот на Град Скопје најави пријава до ДКСК за градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, поради сомненија дека ненаменски потрошил над 33 милиони денари народни пари што требало да бидат искористени за исплаќање на субвенции за инвертер клими на домаќинства кои се греат на дрва,нафта или мазут.

-Субвенцијата што требаше да ја добие едно домаќинство е до 62 илјади денари. Сите пари не завршиле кај домаќинства кои требаше да ги заменат своите печки на дрва со инвертер клими. Од свиркачи во Град Скопје имаме информации дека се давани субвенции и на домаќинства кои не ги исполнуват бараните услови пропишани во програмата донесена од Советот на Градот Скопје на 29-ти јануари 2020 година.

Ова е класична злоупотреба која мора да биде санкционирана. Дополнително постои сомнение дека поделбата на субвенциите е вршена и по партиски клуч. Имено на некој од граѓани им било барано да достават потврда од БЕГ дека не се приклучени на градското парно, на други им била прифаќана и изјава на нотар, а на трети не им се барани никакви документи. Применета е произволност и самоволие на градската управа спротивно на Програмата донесена од Совет на Град Скопје.

Дополнително не е испочитувана и постапката за заштита на личните податоци, ниту еден граѓанин нема потпишано изјава за согласност за обработка на лични податоци, ниту пак е запазена постапката за прием на апликации, а Градот Скопје се однесува сеуште незаконски со документацијата.Ова е фотографија која е доказ за тоа. Ова се вреќи во кои е сместена документација со податоци на скопјани. Дојавата е од совесни административни службеници кои работат во Градот Скопје.Ова е класична злоупотреба. Имаме сомнежи дека се злоупотребени народни пари, не се постапува согласно законите, но и дека е вршен поткуп пред избори, особено заради фактот што огласот за инвертер клими беше распишан 13 дена пред парламентарните избори во 2020 година.Бараме ДКСК во најбрз можен рок да отвори постапка и да го истражи овој случај до крај, изјави Колариќ.