ВМРО-ДПМНЕ секој ден критикува, но не сака вонредна седница на Советот на Скопје за загадениот воздух


Фото: Б. Грданоски

 

Владејачката партија во Советот на Град Скопје денеска соопшти дека немало потреба за вонредна седница на Советот околу загадениот воздух и ги повика градоначалничката Дабела Арсовска и Владата тие да го решавале проблемот. Претседавачот на Советот, Трајко Славески, е дел од високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата последниве денови постојано критикува за загадениот воздух, но се се иззема да предложи или преземе преку Советот каде има мнозинство какви било мерки за намалување на загадувањето.

Претходно на прес-конференција координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Скопје, Љубица Јанчева, рече дека опозициската коалиција бара вонредна седница на Советот на Град Скопје за решавање на проблемот со загадениот воздух. И дека

локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во Скопје со Левица и Арсовска не преземаат ништо за да го решат овој проблем.

Според неа, СДСМ на вонредна седница ќе предложи повеќе мерки: Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз; Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје; Итна промена на распоред на средства во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на средствата за борба против загадувањето; Изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје…

ВМРО-ДПМНЕ одговара дека сите мерки Јанчева „може да му ги даде на Ковачевски, кој е во тајна коалиција со Арсовска и заради која соработка ВМРО-ДПМНЕ ја повлече поддршката за градоначалничката“.