ВМРО-ДПМНЕ сега бара Талат Џафери да донесе ново решение за датум за избори


Опозициската партија денеска ги донекаде го разјасни својот став што мисли околу одржувањето на изборите. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, при гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ изјави дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, по постигнувањето коснезус на политичките партии треба да донесе ново решение за датумот на изборите затоа што е јасно дека течат роковите предвидени со владината уредба.

„Одредувањето на датумот треба да биде со консензус на политичките партии и кога ќе се дефинира тој датум претседателот на Собранието треба да донесе ново решение или измени и дополнувања на сегашното каде што ќе го определи тој датум. Друг начин не постои. Точка!“

Според толкувањето на ВМРО-ДПМНЕ тоа е единствен излез од сегашната ситуација, но партијата и натаму останува на нејзините предлози за избори на крајот од август или почетокот на септември. Изјавувајќи дека техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, не гласал за Уредбата за запирање на изборните дејствија и нивното продолжување по завршување на вонредната состојба, Јанушев посредно најави дека опозициската партија не ја признава владината уредба. Според Јанушев, јасно е дека роковите од уредбата законски се важечки и сега бараат целата работа за одложување на гласањето да се префрли врз претседателот на Собранието Талат Џафери.