Скопје ЗОО склучи Меморандум за соработка со сите 11 стручни средни училишта во Скопје: Природата, животните и емпатијата кај младите во фокусот


Фото: Б. Грданоски

Скопската зоолошка градина информираше дека склучиле Меморандум за соработка со сите 11 стручни средни училишта на Град Скопје.

„Оваа соработка отвора ново поглавје во кое образованието, практичната работа, креативноста и грижата за природата ќе се спојат на едно место. Заедно, со поддршка на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и градот Скопје ќе работиме на нови проекти и активности кои ќе придонесат за развој и унапредување на ЗОО Скопје, а учениците ќе добијат можност своето знаење, талент и вештини да ги покажат во пракса и да бидат дел од вистински, значајни проекти“, велат од Скопје ЗОО.

Оттаму наведуваат дека нивната заедничка цел е да создаваат навики за чиста и зелена животна средина, да придонесат за подобрување на благосостојбата на животните и  кај младите генерации да ја негуваат емпатијата, одговорноста и љубовта кон животните и природата.

„Веруваме дека токму преку младите, нивните идеи, енергија и знаење можеме заедно да создадеме подобра ЗОО Скопје“, нагласија од Скопје ЗОО.