ВМРО-ДПМНЕ се фалат што го смениле началникот од Демир Хисар, нема одговорност за тој што го ставил на таа функција


ВМРО-ДПМНЕ тврди дека им дошло крај на штитењето на поединци затоа што биле блиски до една, друга или трета политичка партија и дека моралот и принципите сега, откако тие се на власт, се на дело во Македонија.

„Прекршоците сега се казнуваат, а предметите не стојат по фиоки. Началникот од Демир Хисар кој недолично се однесувал кон друго лице, веќе е разрешен, а кон него е поднесена и дисциплинска постапка од страна на МВР. Ова е јасен доказ дека нашиот пристап е чесен и без отстапки.

Но, да не заборавиме. Овој пристап не беше во времето на Заев, Спасовски и Ахмети. Тогаш се апсеа само политичари кои беа спротивно на СДС и ДУИ. И тоа се апсеа пред нивните деца во раните утрински часови, се влегуваше дома без судска дозвола и се вршеше политички терор врз семејствата на притворените.

Гордана Јанкуловска беше во затвор за „Мерцедесот” кој го гребеа мачки и Заев после го возеше,  Миле Јанакиески беше притворан десетици пати за некој да си ги задоволи своите желби и да се дефокусира јавноста, а Спиро Ристовски, беше тепан во затворот и останатите затвореници се изживуваа врз него. Тоа беа времиња кога Заев, Спасовски и Ахмети ширеа омраза и злоупотреба на институциите. Кога секој еден кој не беше член на СДС и ДУИ, беше политички прогонуван. Тоа време заврши. Нема веќе како до сега. Денес, секој што ќе згреши, ќе одговара, без разлика на функцијата и без партиска заштита. Правдата ќе биде задоволена“, порача Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција, во уште една замена на тези и на теми.

Поточно, како и досега, СДСМ испадна тема на прес конференцијата на која треба да се каже како воопшто ваков кадар се нашол на ваква функција.  

Претходно, СДСМ побара од Основното јавно обвинителство отворање на кривична постапка против началникот  Роберт Мартиноски  и проширување на истрагата.

„Фактите се јасни, началникот на Тошковски ги прекршил своите овластувања и ја злоупотребил својата положба спроведувајќи незаконска постапка и политички прогон против болна жена.Самото МВР ја призна неговата вина и го потврди она што СДСМ го говореше од првиот ден, дека началникот постапувал незаконски. Сега никој нема нема право да го заташка случајот. Не е доволно само дисциплинска постапка пред внатрешна контрола. Основното јавно обвинителство треба да поднесе кривична пријава и да обезбеди процесуирање на началникот пред лицето на правдата. Доколку тоа не го направи, ќе значи директна заштита на Мартиноски, а со тоа и на неговиот шеф Панче Тошковски.
Истрагата на ОЈО треба да се прошири и да даде одговори на прашањето дали Мартионовски постапувал по налог на Тошковски?  Сомнежите се основани затоа што според информациите објавени во медиумите, Мартиноски претходно бил суспендиран од работа, наводно поради рекет. Но, тоа не било пречка за Тошковски, веднаш по доаѓањето тој го поставува Мартиновски за началник. 
 
Понатаму, обвинителството мора да ја повери и целата незаконска постапка спроведена против директорката на училиштето во Демир Хисар. Сите што ги прекршиле законите мора да одговараат. СДСМ бара ОЈО да покаже дека законот важи за сите, особено за началниците на Тошковски, и да стави крај на злоупотребите на полицијата во партиска служба на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата мора да биде заштитник на граѓаните, а не средство за политички прогон и заплашување“, порачаа од СДСМ.