ВМРО-ДПМНЕ прашува чије е комбето со марихуана, од власта упатуваат на одговор во фирмата


ВМРО-ДПМНЕ повторно побара одговор чије било комбето со грчки таблици кое беше запрено со 200 килограми марихуана. Од власта порачаа дека очекуваат брза и темелна истрага за сите прашања, а за сопственикот да се јават во фирмата. 

-Кланот Заеви прерасна во картел Заеви и тоа го потврди МВР.По цел ден молк, МВР на Спасовски призна дека во текот на акција за спречување на шверц на дрога предводена од американската ДЕА, уапсен бил личниот шофер на Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев.

Личниот шофер на Заеви, Александар Ушилковски, заедно со командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски – Чипсио, директно поставен од Оливер Спасовски, го предводеле транспортот на нарко пратката во белото комбе со грчки таблици.

Во комбето имало марихуана, омилениот бизнис на Заеви, во вредност од 800 илјади евра. Пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола. Патем оваа фирма се поврзува директно со фамилијата Заеви. Братучедите на Зоран Заев, Трајче и Вице. Оттука логично се поставува прашањето дали и кога братучедите на Заеви ќе бидат испитани за овој нарко криминал кој го прекина американската ДЕА?

Исто така треба да одговорат дали Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев е во Македонија или избегал во Дубаи? Ништо веќе не може да го сокрие сојузот на власта и криминалот.

Од Владата, пак, за 360 Степени изјавиле дека „Владата очекува брза и темелна истрага од надлежните инситуции, одговор на прашањата кои се од интерес на јавноста и неселективно постапување без разлика за кого станува збор. Доколку некој постапил незаконски мора да се соочи со одговорност. Во врска со сопственост на возила на приватни субјекти ве упатуваме за тоа да прашате во компаниите кои се предмет на интерес“, одговориле од Владата за тој портал.

Од МВР вчера потврдија дека се уапсени шест слица за овој случај, меѓу кои и А.У. од Скопје. Овие иницијали се совпаѓаат со оние на кои повикува ВМРО-ДПМНЕ.