ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Шилегов плаќа услуги на својата адвокатска канцеларија, а тој демантира


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, плаќа услуги од неговата адвокатска канцеларија, а тој тврди дека тоа се лаги и манипулации.

– Петре Шилегов како градоначалник на Скопје плаќа консултации за правни работи – внимавајте – сам на себе! Градоначалникот Шилегов склучил договор и го плаќал адвокатското друштво Шилегов. На Петре Шилегов малку му е платата како градоначалник на Скопје, особено што не работи ништо, па мора и хонорар да зема од градската каса! Со години, Петре адвокатот го советувал градоначалникот Шилегов за правни работи – рече Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвини дека за тоа си исплаќа по 50.000 денари месечно, односно околу 10.000 евра годишно, и тоа според Стоилковски, Шилегов го прави со години.

Затоа прашуваат „што тоа Петре го советувал Шилегов? Ако ова е, а е’, спротивно на Законот, ќе бара ли Градот сега отштета од Шилегов за лошо советување?“

На денешната прес-конференција, градоначалникот Шилегов ги демантираше изнесените лаги поврзани со него од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

– Очигледна е безидејноста, очигледен е стравот, очигледна е немоќта на ДПМНЕ да одговори на новите градски политики кои јас ги креирам во изминативе три години и чии резултати се од ден на ден се повидливи и добро прифатени од граѓаните. Кога е таа структура во прашање тргнуваат кон креирање на лаги, на манипулации. Денеска од страна на портпаролот беше искажана една голема лага да се прикаже дека јас како градоначалник сум го плаќал сопственото адвокатско друштво за консултантски услуги – рече Шилегов.

За да го поддржи своето тврдење тој покажа договор од 2015 година , кога уште како пратеник во Собранието, склучил договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое го плаќа него.

– Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупцсика комисија кога станав градоначалник. За тие средства од 50.000 денари уредно плаќам данок. Град Скопје и јас како градоначалник немаме склучено никаков договор, ниту еден денар од градската каса не е влезено во моето адвокатско друштво. Јас земам сопствени пари од моето адвокатско друштво – рече денеска градоначалникот Шилегов.