ВМРО-ДПМНЕ на протест со автомобили – Заев ветил на Бугарија, но да не го повлече народот


Фото: Б. Грданоски

Неколку стотини граѓани, главно со автомобили се собраа вечерва на протестот организиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва, за, како што соопшти партијата, „заштита на националните црвени линии кои се последниот бедем на македонскиот идентитет“.

Фото: Б. Грданоски

Протестот што партијата го најави како „сенароден и надпартиски“, а се одвиваше под мотото „Протест сега, за да не биде предоцна“.

Колоната автомобили тргна од пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и се упати кон Владата, каде протестот треба да заврши.

Во повикот за протестот од опозициската партија  апелираа граѓаните да се спротивстават на, како што велат, „пазарџиската и анацинална политика на Зоран Заев и владата кои се подготвени да ги распродат националните интереси на Македонија“.

-Целта е достоинствено и мирно да го изразиме граѓанскиот револт за намерата на владата на Заев да тргува со јазикот, народот, идентитетот и историјата на Македонија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Б. Грданоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вклучувањето во централните вести на Канал 5 ги повика сите граѓани да се приклучат на протестот организиран од партијата кој е под мотото „Сега, за да не е предоцна“. 

„Целта е да ставиме крај на националните понижувања и распродажба на се она што е клучно за македонскиот народ. Токму затоа ги повикувам да нѝ се приклучат сите за да го изразиме незадоволството од ставовите на Зоран Заев“, рече Николоски. 

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, Заев од денес е минато. 

Фото: Б. Грданоски

„Кога ќе се понижите вака како Заев, кога ќе го понижите и народот кој го претставувате како што го направи тоа Заев, никој не може да ве почитува. Ова сега што се случува е тоа што Зоран Заев го ветувал на Бугарија. Бугарија го бара ветеното од Заев. Грижејќи се за своите бизниси во земјава, како и во Бугарија, гледаме денес сите што ветувал тој, само да не го повлече народот. Зоран Заев од денес е минато, прашање е само кога тоа ќе се официјализира“, рече Николоски.

Од партијата побараа учесниците на протестот во колоната автомобили, да ги почитуваат максимално препораките и протоколите за заштита од Ковид-19, да држат дистанца и да користат заштитни маски и опрема со цел да го заштитат сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.