ВМРО-ДПМНЕ мафта со проекти од 120 милиони евра, СДСМ ги прашува каде им се автобусите во Скопје

Во рамките на политичкиот „саем“ на ВМРО-ДПМНЕ од партијата соопштија дека почнале или реализирале проекти од 120 милиони евра во над 40 општини каде градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ,обвинувајќи ги СДСМ дека од страна на СДСМ нема отчет што сработиле досега. Од СДСМ пак им реплицираа дека меѓу проектите што тврдат дека ги реализирале ги нема електричните автобуси на шпицниот кандидат Мицкоски и проектите што ги ветуваа за Скопје.
– Се реализираа или се отпочна со реализација на проекти во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра. Се изградија и реконструираа водоводни и канализациони мрежи за една година во вредност од над 20 милиони евра. За една година се отпочна со реализација на голем број на градинки низ цела Македонија. Денес речиси и да нема општина каде нема дополнет капацитет или градба на нова градинка, или приспособување на просторни услови за тоа. За само една година се почна со градба или реконструкција на градинки во вредност од над девет милиони евра. За градба или реконструкција на основни училишта се инвестираа повеќе од 19 милиони евра.
Секојдневно се врши некое хортикултурно уредување. За нови паркови и зелени површини се почнаа инвестиции во вредност од речиси четири милиони евра, додека за зачувување на животната средина и проекти од оваа област се инвестираат нови два милиони евра. Во културата се вложени 2.5 милиони евра, додека пак за спортот и спортски објекти за најмладите се инвестира повеќе од 7 милиони евра.ВМРО-ДПМНЕ во општините каде е локална власт се грижи и за ранливите категории граѓани, за кои преку различни програми се предвидени 1.5 милиони евра. Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ 365 дена работат за подобри општини, соопштија од оваа партија.
-За оваа една година локална власт на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните секојдневно гледаат кавги за провизии и тендери, масовна партизација и расипничко трошење на народните пари, но не видоа нови капитални проекти, решенија, ниту пак помош во време на криза.Ова се потврди и на панаѓурот во организација на ВМРО-ДПМНЕ каде градоначалниците наместо на граѓаните му реферираа на шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски. Најголем проект на локалната власт на шпицниот градоначалник Мицкоски е скандалот со тедерот вреден 136 милиони евра за пречистителна станица. Мицкоски претходно јавно соопошти дека лично тој во име на Град Скопје преговорал за набавка на нови електрични автобуси, па отиде чекор понатаму и најавуваше дури и фабрика. Денес автобусите и фабриката никаде ги нема, нема бесплатен превоз, но има заглавени и нефункционални јавни претпријатија, долгови и хаос. Ги нема ни помпезно најавуваните проекти во програмите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, но затоа има неработење и расипничко трошење на народните пари.Со панаѓурот уште еднаш се потврди дека во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и дека нивните градоначалници се најнеспособните градоначалници, порачаа од СДСМ.
Двете партии наголемо почнаа со масовни политички активности кои наликуваат на предизборни кампањи иако формално го негираат тоа. Колку чини саемот на ВМРО-ДПМНЕ е друго прашање и како, додека критикуваат колку е тешка состојбата во општините со енергетската криза и дека власта ги остабила сами, имаат сретства да организираат вакви масовни собиранки во скап хотел.