Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по координацијата со другите скопски градоначалници соопшти дека ќе побараат од Владата на следната седница да стави точка на дневен ред во која ќе се разгледува состојбата во Градот Скопје, заедно со барањето да се одземат ингеренциите на градоначалничката Данела Арсовска, најпрво во во ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“ и да се именува владин повереник.
„ Бараме Владата да назначи владин повереник и да и започне процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските на општините“, рече Ѓорѓиевски, информирајќи дека на состанокот присуствувале сите скопски градоначалници, освен двајца кои биле на одмор, но имало нивни претставници.
Тоа практично ќе значи дека, откако ја донесоа Данела Арсовска на функцијата како „независна“, ВМРО-ДПМНЕ ќе изведе политички пуч и ќе ја преземе власта во градот, заобиколувајќи го законот кој не дозволува смена на градоначалник. Во кулоарите низ државните институции тоа одамна се најавуваше како „импичмент“.
Според Ѓорѓиевски, кој претендира за фотелјата на Данела Арсовска во следниот мандат, не се знае колку време ќе биде потребно да заврши овој процес , но додаде дека на градот пред се му фали генералка. Тој изрази увереност дека „процесот“ ќе успее и дека Владата ќе го поддржи барањето на градоначалниците. Ѓорѓиевски исто така додаде дека дополнително ќе треба да се разговара со Владата за да се реши проблемот со ЈСП „Скопје“, бидејќи и ова претпријатие не функционира. Според него, процесот на трансформација на овие јавните претпријатија ќе се одржува етапно и ќе биде потребни неколку законски измени.
„ Секоја општина ќе биде поефикасна откако ќе се поделат овие две претпријатија. Значи пропорционално ќе се дели опремата, механизацијата, работниците. Нормално е дека Аеродром ќе добие повеќе, во споредба со друга општина, бидејќи е најголема. Ова решение не е поради сегашниот проблем и поради Арсовска, ова сакаме да биде трајно решение, а не до истекот на мандатот на градоначалничката. Сметаме дека ова решение ќе донесе многу подобри услови за живеење на скопјани, како и за туристите“, тврдеше Ѓорѓиевски.
Идејата да се префрли одговорноста за чистењето на градот комплетно на општините и практично да и се одземе причината за постоење на „Комунална хигиена“ ја поддржа и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, иако до вчера беше на страната на Данела Арсовска. Тој рече дека сега општина Карпош 18 пати годишно ја коси тревата, а ЈП „Паркови и зеленило“ само пет пати, сугерирајќи практично дека општините подобро си ја вршат работата, иако на терен не се приметува тоа туку нечистотијата и негрижата е општа слика, а ингеренциите за проблемите само се префрлаат од едни на други. Според него трансформацијата на „Комунална хигиена“ е потреба и така ќе биде подобро за граѓаните. Патем тоа од ВМРО-ДПМНЕ го тврдеа и за економските директори по клиниките и за распарчувањето на Клиничкиот центар, па сега се фалат со успешната реформа, т.е. укинување на директорите.
На лоша хигиена се пожали и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, кој кажа дека не можат ниту да исконтактираат со градоначалничката Данела Арсовска веќе две години и дека ги блокирала на телефон.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Општина Аеродром, која патем исто така не била понечиста досега иако ја раководи неговата партија, порача институциите што се под надлежност на Град Скопје да си ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат. Доколку нема напредок за една недела, како што најави, Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на нивните ингеренции и за решавање на проблемите, како јавниот градски превоз и хигиената.
„Секојдневно до нас граѓаните реагираат. Ова прашање ќе го отворам на следната седница и ги повикувам надлежните во „Комунална хигиена“, во градот Скопје да работат за што се платени, за кое што ги плаќаат граѓаните, бидејќи ова што денеска се случува во Скопје личи на се, само не на главен град на држава, која што е дел од НАТО Алијансата и држава кандидат за членство во ЕУ. Мора да си го поставивме прашањето кое што е суштински важно, не што зборуваме, туку што правиме во име на тие вредности“, изјави Мицкоски.
Доколку нема прогрес, односно промена на лошата состојба во Скопје, премиерот најави дека ова прашање ќе го отвори на следната владина седница.
„Ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзано со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму во она што е обврска на народна Влада, а тоа е да дејствува во името на повиците кои што ги добиваме на дневна основа од скопјани“, рече Мицкоски.
Утрово пред состанокот реагираше Град Скопје нарекувајќи го однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ политички терор и повикувајќи го Мицкоски да ја преземе одговорноста за градот така што ќе ги вразуми своите советници кои го блокираат работењето на „Комунална хигиена“ и се друго.
„Ја поздравуваме најавата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски и го охрабруваме во најбрз можен рок да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град, кои што ги креираше. Десет месеци Советот на градот под контрола на Мицкоски намерно не ја гласа програмата за јавна чистота на Комунална хигиена со што директно го попречува собирањето на смет и намерно ја нарушува јавната чистота. Се работи за 100 луѓе кои во период од 20 години наназад редовно, секоја година го чистеле градот, освен оваа година Советниците под контрола на Мицкоски за оваа своја партиска послушност за секоја седница добиваат по 500 евра. Единствен губитник во оваа политичка игра на акумулирање на моќ се граѓаните на Скопје. Целата операција на Мицковски всушност е покривање на изневерените политички и национални ветувања, кои што бев дел од фолклорот на митинзите и по штабовите, како и на сите негови прес конференции“, стои во реакцијата на Град Скопје.
Во соопштението се она што го прави ВМРО-ДПМНЕ во градското собрание и во јавните претпријатија го нарекоа политички терор:
„Како за почеток, апелираме премиерот Мицкоски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје кои трета година по ред свесно и за политички поени ја кочат работата на јавните претпријатија. Апелираме Мицкоски да ги убеди советниците да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси, проект кој заедно со градоначалничката Арсовска го ветуваше на скопјани. Апелираме советниците навремено да ги гласаат програмите за работа на јавните претпријатија со цел да не се кочи нивната ефикасност, апелираме Мицкоски да превземе одговорност и за свесното блокирање на претпријатијата. Го охрабруваме Мицкоски да се обиде и да ја превземе одговорноста за членовите на управните и надзорните одбори во претпријатијата на градот Скопје каде владејачката ВМРО-ДПМНЕ е застапена со над 90% од членовите во одборите. Токму овие членови на УО и НО три години се изживуваат врз вработените и граѓаните на Скопје. Сите управни одбори без исклучок се со мнозинство членови на ВМРО-ДПМНЕ и се чини имаат единствена задача – влошување на состојбите и блокирање на услугите. Го охрабруваме Мицкоски да ги охрабри овие луѓе да ги одобрат плановите за вработување, плановите за набавки на нови контејнери, машини, дрвја, зеленило, автобуси и резервни делови.Апелираме да се стави крај на политичкиот терор и сега како одговорна владејачка партија, (ВМРО-ДПМНЕ) Мицкоски да превземе одговорност за состојбите во главниот град за кои најзаслужни се советниците и членовите на управните и надзорните одбори на градските јавни претпријатија“, порачаа од Град Скопје.
Одземањето на ингеренциите на Данела Арсовска од страна на „народната влада“, како што ја нарече Мицкоски неговата влада која наводно е загрижена за интересите на граѓаните, има и политичка позадина и е дел од цел еден концепт кој почна да се остварува по брза лента, а кој треба да и овозможи на оваа партија да ги билда резултатите по општините, да ја освои комплетно власта на следните избори вклучувајќи го и Скопје преку контролата што ја воспоставува сега и да пушти во промет огромни суми пари за кои не се знае како ќе се контролираат и колку можат да се прелеат на партиските сметки. Дел од тој пакет се и вчера усвоените измени на Законот за урбанистичко планирање без најава и низ брза постапка со која ќе се отвори патот да се прелеат стотиците милиони евра за проекти во општините. Иницијативата О2 вчера го цитираше министерот за транспорт Александар Николоски кој изјави дека „јавноста нема осонова за грижа, зошто тој за најголемиот дел од околу 600 урбанистички планови, кои ќе продолжат да се изработуваат по стари и неважечки закони и правилници, нема да даде согласност“.
„Фрапантна изјава, која укажува не на почитување на законите, туку на земање на работите во свои раце и апсолутно дискреционо право. Основа за масовна корупција“, порачаа од О2 иницијативата, нешто на што потоа реагираше премиерот Мицкоски порачувајќи дека зад нив како невладина организација по се изгледа стои – урбаната мафија! А, член на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање во Собранието, според О2 е Исмаил Јахоски , татко на сопственикот на нафтената компанија Пуцко Петрол, која е и градежен инвеститор.
По одземањето на ингеренциите на Арсовска во сферата на хигиената практично се пробива „мразот“ во јавноста која е гневна на изгледот на градот, но речиси сигурно е дека ќе следат и други околу јавниот сообраќај и урбанизмот. На состанокот денес никој од градоначалниците не видоа и свој дел во одговорноста околу состојбата во општините, ниту околу одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ што ја блокира Арсовска иако ветуваше дека ќе ги поддржи сите проекти што се во интерес на граѓаните кога се прогласи за „независна“ од нив. (Н.В.)