ВМРО-ДПМНЕ како сметководител на Левица, ги крие своите, ги објавува нивните исплати

Веќе трет ден по ред ВМРО-ДПМНЕ ги објавува сметките на Левица за кои тврди дека ги добила од „свиркачи“ во партијата, а Левица возврати декаправи упад во УЈП и ја злоупотребува за партиски цели. Според ВМРО-ДПМНЕ парите од партиската сметка завршувале на личните сметки кај раководството, иако нивните пари се проблем на нивните членови, а не на власта, со цел и оваа партија да испадне корумпирана како што веќе се перцепира во јавноста партијата на Христијан Мицкоски.
Она што е проблем што не го гледа ВМРО-ДПМНЕ дека со ваков упад во податоците на УЈП е пратен сигнал до секој граѓанин на државата дека сметките не му се заштитени и дека власта го набљудува.И покрај тоа, продолжија со серијата напади на оваа тема:
„Левица грчевито се обидува да го одвлече вниманието на јавноста од вистината. Обвинувањата на Левица за наводен неовластен упад во нивните банкарски сметки се очаен обид за прикривање на вистината. Податоците кои излегоа во јавноста за трансакциите од партијата кон личните сметки на раководството се од свиркачи од јадрото на Левица кои се разочарани, кои одвнатре ја гледаат хипокризијата на партијата, двојните стандарди и лицемерието на раководството“, се вели во соопштението објавено денес, кое е идентично со претходните.
Според нив, Левица потврдила дека партијата не се води по идеолошки принципи, туку исклучиво заради финансиски интереси на тесен круг привилегирани поединци.
„Левица под плаштот на идеологијата и празната реторика дека се скромни, чесни и неподмитливи, всушност се обидуваат да прикријат дека партијата им функционира како приватна фирма од која се богатат поединци. Додека Апасиев, Мојсоска и Мециновиќ од говорница глумат револуционери и борци, во реалноста ја користат партијата како инструмент за лично богатење и билдање на приватните трансакциски сметки. Апасиев ставил во сопствениот џеб над 700.000 денари од парите на партијата Левица, пари кои ги добива од граѓаните преку Буџетот на државата. Мојсоска, иако е пратеник само годинава од партијата инкасирала три пати по 54.000 денари“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од Левица вчера соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ направила преседан со неовластен упад во лични сметки, без индиции за сторено кривично дело!
„Како одлика на тврд авторитаризам, тие во обид да скандализираат легитимни плати кои Левица ги исплаќала, објавија податоци за лични трансакции, кои ги добиле незаконски и неовластено и кои можат да се добијат под посебни-истражни мерки за следење (доколку има индиции за сторено кривично дело)!Ги повикуваме ДПМНЕ и УЈП под нивна власт, како што се следат личните трансакции на пратеници на Левица, наредно да ги објават приливите на личните сметки на Заеви. Дали тоа ќе го сторат? Секако дека не, бидејќи таму лежи вистинскиот криминал, во кој учествуваат и самите тие!
Оваа постапка значи дека полугите на државниот апарат целосно се ставени во служба на ДПМНЕ за супресија на секој кој ќе проба да ги спречи во криминалите и авторитарното владеење.Истовремено, додека Левица е најтранспарентна партија во Република Македонија, ДПМНЕ го крие својот имот. Додека извештаите од Државниот завод за ревизија се без забелешки, но ДЗР воочила низа на недостатоци во извештаите од најбогатата партија во Европа, особено во евиденцијата на недвижниот имот.
Левица побара и информации од јавен карактер од ДПМНЕ, поврзани со попис на недвижен имот, за што до ден денес нема добиено одговор, прекршок нотиран и од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Левица нема да се повлече пред овие обиди за репресија. Ќе продолжиме да ја разобличуваме криминалната хунта на ДПМНЕ и да се бориме за вистинска демократија и правна држава“, порачаа од партијата.
Нешто подоцна ВМРО-ДПМНЕ возврати со ново соопштение во кое тврдеше дека како пратеник Мојсовска незаконски извршува друга работа.
„ Сакаме да ја прашаме Мојсоска, која исто така се излета и изнесе информација дека била сметководител на Левица, дали знае дека доколку ја говори вистината, актот е противзаконски. Имено, во Законот за пратеници јасно е наведено:
– Член 4: „Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.“
– Член 5: „Пратеникот нема право да врши други јавни функции или професии, кои согласно со закон се неспојливи со функцијата пратеник.“
– Член 9: „Функцијата пратеник е неспојлива со вршењето на дејности со профитна цел.“
Со тоа станува јасно дека Јована Мојсоска, како пратеник, не смеела да остварува профит и да врши сметководствени услуги за Левица“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ иако куп функционери на партијата и пратеници имаат регистрирани компании, а портпаролот на партијата е вработен во МНР и секој ден држи партиски прес конференции место да работи за тоа за што е платен.