ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ спорат околу анкетите, чиј рејтинг е подобар


ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска преку партиски соопштенија до медиумите „докажуваа“ чии анкети се поверодостојни и која од партиите има поголем рејтинг. 
Поводот беше најновата анкета која ја презентира Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) на Владимир Божиновски, кој во јавните настапи отворено ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа анкета, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ужива најголема доверба, а за оваа партија би гласале најголемиот број испитаници доколку би имало парламентарни избори. 
За СДСМ „лажни анкети по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо друго освен лажна надеж за Мицкоски“.
Во партиското соопштение од СДСМ велат дека „по сите релевантни анкети како поминува времето рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ драстично се намалува, градоначалниците од оваа партија се најголемо разочарување, Мицкоски менува ставови секој ден а Левица го зема опозицискиот примат“. 

„Анкети по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја покријат неработата на градоначалниците од оваа партија во изминатата година. Ниту фактот дека Мицкоски нема став за ниту едно важно прашање“, велат од СДСМ, потсетувајќи дека Институтот што ја спроведе анкетата и во 2020 година предвидувал победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните избори, па тоа не се случи.

Од СДСМ исто така додаваат дека овој институт склучувал договори со државни институции во време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, како Агенцијата за вработување, Министерството за здравство итн. 

Од друга страна за ВМРО-ДПМНЕ „анкетите се јасен приказ за тоа што мислат граѓаните“.

„Поддршката на народот за ВМРО-ДПМНЕ е огромна одговорност и нема да го разочараме народот“, порачаа од партијата, додавајќи дека немало анкета на која СДСМ води, како и дека „ако не веруваат на оваа анкета тогаш ајде на најголемата анкета за една власт, избори“.

Анкета на ИПИС: 39,7 проценти од граѓаните не веруваат во ниту еден политичар, 13,5 во Мицкоски, 6,6 во Ахмети и 5 во Ковачевски
 
 

Инаку, според телефонската анкета на ИПИС, најголем дел од граѓаните или околу 40 проценти не веруваат во ниту еден политичар. На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба“, најголем дел од испитаниците 39,7 отсто одговориле „ниеден“, 13,5% Христијан Мицкоски, 6,6% Али Ахмети, 5% Димитар Ковачевски, 3,7% Максим Димитриевски, 3% Димитар Апасиев, 2,8% Стево Пендаровски, 2,3% Никола Груевски, 2,2% Билал Касами, 1,8% Арбен Таравари, 1,5% Зоран Заев, 1,3% Африм Гаши, 1,1% Зијадин Села.

Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски во периодот помеѓу 23 и 26 мај 2023 година, при што опфатени биле 1.112 полнолетни испитаници по случаен избор. Податиците, како што информираат од ИПИС, се со статистичка грешка од +/- 3 проценти. 

На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“, најмногу испитаници 20 проценти одговоирле ВМРО-ДПМНЕ, 12,9 % СДСМ, 6,5 % ДУИ, 3,3 % Левица, 3 % Граѓанско движење на Максим Димитриевски, 2,6% Алијанса за Албанците, 2,3 % БЕСА, 1,4 % Алтернатива и 0,4% друга партија. Дури 18,3 проценти од испитаниците одговориле дека нема да гласаат за ниту една партија, 14,7% рекле не знам/нема одговор и 14,6% не сакале да кажат.

Анкетата, како што информираат, е финансирана од сопствени средства на ИПИС.