ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат за поскапувањето на струјата

Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за поскапување на струјата за 7,4 отсто од септември денес се најде во средиштето на препукување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција покажа со прст кон СДСМ дека дала амин за најголемото покачување на цената на струјата во Македонија до сега. Од СДСМ, пак, преку соопштение одгворија дека цената на струјаата кај нас и натаму е една од најниските во регионот и во Европа.

„Регулаторната комисија за енергетика ако беше навистина независно тело, а не партиска комисија ќе знаеше дека обичниот граѓанин едвај го поминува месецот да се прехрани. Секоја зголемена давачка му е товар на буџетот“, изјави на прес конференција Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој праша дали одложувањето на одлуката за цената на струјата пред изборите, всушност покажува дека сега регулаторот сега без жал и одговорност ја зголемува водејќи сметка само за компаниите, но не и за граѓаните.

„Ова е најголемото покачување на струјата во Македонија во изминативе 12 години. За тој период земјата немаше вкупно кумулативно покачување на струјата од 8 отсто, а сега имаме покачување од 7,4 проценти. Ова е вистински удар по џебот на граѓаните и нивниот стандард“, рече Антовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ изговорот на Регулаторна комисија дека ЕЛЕМ и МЕПСО имаат намалени приходи не држат, затоа што, како што рече Антовски, токму овие две претпријатија биле користени како место за вдомување на партиски активисти на високи плати, за кои плата ќе треба да обезбедат граѓаните преку зголемените сметки за струја.

Од СДСМ во соопштение велат дека Регулаторната комисија која ја донесе Одлуката за корекција за цената, е независна и високо професионална институција која во изминативе две години направила и спровела одлични реформи во својот делокруг.

„И со корекцијата на цената, Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа“, се вели во соопштението.

Од СДСМ исто така додаваат дека поради пандемијата со коронавирусот што ја зафати нашата земја но и целиот свет потрошувачката на струја драстично се намали, а од друга страна, во овој период на вонредна состојба енергетскиот сектор одговори на задачата и граѓаните имаа струја постојано.

„Дополнително се покажа одговорност и во ваква состојба обезбедено е пролонгирано плаќање на сметките без камати, како и да нема исклучување од енергетските системи во време на вонредна состојба“, велат од партијата.

Од СДСМ нагласуваат дека е потребно да се задржи функционалноста на енергетскиот систем во вакви вонредни состојби.

„За да се заштитат граѓаните евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали исто како и до сега“, велат во соопштеението и додаваат дека преку евтината тарифа 15 милиони евра годишно остануваат кај граѓаните, а најголем дел од нив се социјално ранливите групи, пензионерите и невранотените лица кои најмногу ја користат оваа мерка.