ВМРО-ДПМНЕ и Левица влегоа во коалиција во Советот на Скопје
Соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица се официјализира во Советот на град Скопје откако двете партии објавија дека опозицијата сега ќе има мнозинство во него. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Митева, на денешната прес-конференција соопшти: „Ја информираме јавноста дека парламентарната опозиција во македонското собрание има апсолутно мнозинство во Советот на Град Скопје со 24 советници од вкупниот број што изнесува 45“. Таа рече и дека Советот ќе функционирал по принципот на соработка за програмски проекти и нагласи дека СДСМ и ДУИ сега се опозиција во Град Скопје.
И Левица во официјално соопштение ја потврди оваа соработка. „Официјално ДУИ и СДСМ ја изгубија локалната власт во главниот град. Парламентарната опозиција обезбеди мнозинство во Советот на Скопје“, наведоа од партијата.
Левица има четири советници, а на овие две партии им се приклучуваат и двајцата советници на Алијанса/Алтернатива.