ВМРО-ДПМНЕ го смисли референдумското прашање, се однесува на Договорот со Бугарија

Партијата сака граѓаните на референдум да го поништат Договорот за добрососедство со Бугарија. Тоа, веројатно, ќе значи и прекин на преговорите со ЕУ


 

ВМРО-ДПМНЕ вечерва и официјално го почна процесот за одржување референдум откако Извршниот комитет на партијата го усвои прашањето кое ќе им биде претставено на граѓаните. Тоа има единствено врска само со Договорот за добрососедство со Бугарија склучен 2017, но не е поврзано со францускиот предлог.

Прашањето гласи:

„Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во ‘Службен весник’ од 18.01.2017?“

На прес-конференција лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, рече дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција во ЕУ, но не поддржува асимилација и идентитетско обезличување.

„Извршниот комитет донесе одлука за граѓанска иницијатива за собирање потписи за референдум. Во наредната недела ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи за иницијативата да ја доставиме во Собранието. По одобрувањето, ќе започнат роковите за собирање потписи за задолжителен референдум“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, овој договор е штетен и одредбите во него се наметнати и потценувачки и носеле бугаризација и идентитетско редефинирање. „Владата и Ковачевски говореа дека историските прашања не се тема на разговор, но излезе дека тие се услов за преговорите на ЕУ. Народот за ова не беше прашан. Македонија е ставена во подредена позиција. Попуштивме за многу нешта, а за возврат не добивме ништо, освен зголемување на сиромаштијата“, изјави Мицкоски.

На прв поглед изгледа нејасно дали со ова референдумско прашање, ВМРО-ДПМНЕ сака да продолжи процесот на преговори со ЕУ, а во него да не се споменува Договорот со Бугарија. Таква работа е речиси невозможна, бидејќи во преговарачката рамка усвоена од ЕУ, тој договор и Преспанската спогодба се изричито наведени. Сосем веројатно дека ако се распише референдум и изјаснувањето ја добие неопходната поддршка, тоа ќе значи и прекинување на преговарачкиот процес, кој понатаму сама ќе го продолжи Албанија. (Н.В.)