ВМРО-ДПМНЕ го отфрла предлог законот за помош на настраданите од Кочани

Место на помошта за настраданите во Кочани , ВМРО-ДПМНЕ се фокусираше на тоа што правеле досега СДСМ


ВМРО-ДПМНЕ го отфрла предлог законот за помош на настраданите од Кочани што го поднесе СДСМ без да најави дали Владата ќе понуди контрапредлог откско семејствата се пожалија дека „се заборавени“ и не можат да се справат со последиците. Место за темата, ВМРО-ДПМНЕ се фокусираше на тоа што правеле досега СДСМ во манирот дека тие се криви за се во државата.

„СДС и Венко Филипче за седум години власт во Македонија, ја уништуваа, назадуваа и ја разградуваа државата до степен да не може да препознае.СДС и Филипче се причината и лично одговорните за разурнатиот државен систем. Со секој изминат ден СДС и Венко Филипче се повеќе ја покажуваат својата неспособност, лицемерие и дволичност.Во нив нема ништо искрено, тие го потценуваат и во лице му исмеваат на народот. Таков е и примерот со поднесувањето на закон за Кочани.

Нема полицемерно од тоа СДС и Филипче да поднесат закон за Кочани, затоа што тоа е исто како да поднесат закон за модуларната болница во Тетово или за враќање на името.Поднесување на предлог закон за настраданите во Кочани, не е ништо друго, освен исмевање на народот во очи.

До каде може да оди апсурдот и лицемерието на СДС и Филипче, што е следно? Дали е следно СДС и Филипче да поднесат и закон за враќање на името, закон за модуларната, или пак закон за Онкологија, за пациентите кои ги оставија со вода место со лек? Можеби, пак, на Филипче и СДС ќе им текне да поднесат и закон за потекло на имотот на Зоран Заев, или пак закон за поништување на последните измени на Кривичниот закон, со помош на кои се спасија од прогон“, соопштија од владеечката партија.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во подкастот „Политиканти“ посочи повеќе клучни ставови и прашања во врска со трагедијата во Кочани и општествената и политичка одговорност што произлегува од неа.

СДСМ има јасен и аргументиран став зошто смета дека истрагата за трагедијата во Кочани се води селективно.

„Прашањата се многу конкретни, и сè уште никој не дава одговор на нашите прашања во однос на тоа што се случи во Кочани. За трагедијата во Кочани, не се повикани на одговорност припадниците на Министерството за внатрешни работи, коишто вечерта биле присутни таму неколку часа после полноќ, а во објектот имало малолетници коишто не смееле да бидат таму. Очигледно се консумирало алкохол и се користеле пиротехнички средства. Овие прашања не ги политизираме. Ние тие прашања ги поставуваме после консултација, координација со правници коишто работат на таа проблематика. Но, во исто време кажуваме — добро, истрагата сè уште трае, ќе почекаме“, истакна Филипче.

Истовремено, додаде Филипче, граѓанските реакции и протестите по трагедијата, како и гласот на родителите кои изгубија деца, покажуваат дека постои потреба од суштинска промена во системот.

„Очигледно е дека сите партии коишто ја воделе државата во изминатите повеќе од три децении, а тоа се сите политички партии коишто досега, на еден или на друг начин, биле активни во политичкиот простор, партиципирале во било која влада во изминатиот период имаат одговорност за тоа што се случило. И оттаму, нашиот став и пристап дека во ниту еден момент нема да ја политизираме трагедијата“, повтори Филипче.

Претседателот на СДСМ укажа и на лошата состојба на дебатата во Собранието, каде владејачкото мнозинство системски ги отфрла предлозите од опозицијата. Според него, дискусијата за трагедијата лесно можела да се претвори во политички циркус, што би било срамота за државата и навреда за погодените семејства.

„Владејачкото мнозинство, за жал, ги отфрла на некој начин „на сила“ сите наши предлози од опозицијата. Не ни стигнуваат да бидат дебатирани. Меѓутоа сум апсолутно уверен дека сите политички чинители треба вистински да направиме нешто за да се смени нешто во државата, затоа и ги иницирав тие средби. Ајде да најдеме начин, макар тоа била анкетна, надзорна или било каква комисија“, повика Филипче, иако како што додаде, многу чинители се обиделе да го одвлечат вниманието од таква можна расправа. Не се тоа само политички фактори коишто имаа интерес да го одвлечат вниманието од трагедијата во Кочани, смета Филипче.

Тој потенцираше дека апсолутно никој од СДСМ нема проблем да се разговара на соодветен начин, без да се политизира, на било која тема.

„Но, ако инструментите што ги нуди Собранието или било кое друго тело се злоупотребуваат, апсолутно сметам дека нема потреба да правиме политички циркус“, рече претседателот на СДСМ.

СДСМ предложи закон за финансиски надомест за семејствата кои изгубиле член, за повредените со различен степен на инвалидитет, како и поволности во образовниот систем за децата кои губат часови поради лекување. Во истиот предлог се опфатени и семејствата од трагедиите во Тетово, Ласкарци и Беса Транс.

Законот е подготвен, и во следните денови лично претседателот на СДСМ ќе разговара со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од другите партии за поддршка на овој закон кој е во интерес на семејствата, а не во политички интерес.