ВМРО-ДПМНЕ го осуди СДСМ затоа што побара да нема селективна правда


Фото: Б. Грданоски

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го осуди СДСМ дека „за нив нема ништо свето – ни болка, ни сочувство, ни национална трагедија“. И дека се служеле со „подмолни политички калкулации“.

Пратеникот Бране Петрушевски на прес-конференција рече дека „СДС одбраа да поставуваат прашања за кои и самите добро знаат дека се дел од активна истрага, предводена од институции што работат со целиот капацитет и со огромна свесност за големиот интерес на јавноста и општеството за брзи, но праведни резултати.

Ова не е судење со толпа. Правдата не е циркус, туку процес. Притвор се одредува со докази и правни основи, а не со притисоци од партиски штабови.

Главната дилема е – зошто истото судство, истото обвинителство, создадено во времето на СДС и ДУИ, денес работи со поголема посветеност?

СДС говори за ‘селективна правда’, но токму тие се симболот на таа селективност.

Не можат да го извадат народот на улица со лаги, затоа што народот добро памети. И токму затоа сега сакаат да го претворат гневот во политичка стратегија, да го насочат револтот кон Владата, надевајќи се дека повторно ќе се вратат на власт преку улица – а не преку избори.

Ќе има одговорност – и индивидуална и институционална. Но, нема да има дозвола за манипулација, за злоупотреба на жртвите, и за ново сценарио за дестабилизација во момент кога државата се обидува да застане на нозе.

На самиот крај, ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство со сериозност да ги земе предвид сите укажувања на јавноста и медиумите, и секаде каде што постојат реални аргументи и докази за инкриминираност и евентуална одговорност – без разлика на личноста, функцијата или партиската припадност – да постапи соодветно, брзо и во согласност со законот“.