ВМРО-ДПМНЕ го надградува Савески: Ленче Ристоска ја нарече „багра“


Фото: Б. Грданоски

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната објава на новиот државен обвинител Ненад Савески, дека ќе ги повлече сите обвинителски овластувања, реагираше со нескриено задоволство. Особено поради тоа што тоа ќе се однесува и за истрагата за финансирањето на партијата во случаите „Талир 1„ и „Талир 2“. И се наврати на омилената тема во последно време – груби напади врз обвинителката Ленче Ристоска.

Во синоќешното соопштение ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на Ристоска и уште неколку други обвинители да си го стават прстот на чело и ги нарече „платеници“.

Пред да се навредат обвинителите на Зоран Заев на чело со Гаврил Бубевски, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова и останатите платеници за политички прогон, што е најавено одземање на предметите на кои работат, а никако да сработат на страна на правдата цели 10 години, нека си го стават прстот на чело и нека си ги постават следните прашања:

1.Дали не треба кривично да одговараат што крадеа народни пари од СЈО без мера за да вршат политички прогон и хајка?

2.Дали заборавија на изјавите и сведочењата на нивната колешка Лејла Кадриу за тоа дека екс-премиерот Зоран Заев и вицепремиерката Радмила Шекеринска оделе во СЈО навечер и лично селектирале предмети кои треба да бидат обработувани согласно нивните политички мотиви?

3. Дали заборавија дека на чело на оваа политички инструирана и скапо платена багра која ја закопа правдата и амнестираше милионски криминали на Заев, стоеше осудената за рекет Катица Јанева?

Ленче Ристоска, исто како и сите гореспоменати, беа дел од истиот апарат кој ја погребуваше правдата“, вели во соопштението ВМРО-ДПМНЕ.