ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „ситни трикови“ тврдењата на Османи за предвремени избори

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на синоќешното обрачање на Бујар Османи во Чаир, во кое тој, според нив, изнел измислици за наводни „емисари“ од ВМРО-ДПМНЕ и сценарија што постојат само во неговата фантазија.
„Со вакви изјави, Османи се обидува да ја прикрие паниката во која се наоѓаат ДУИ и СДС пред сигурниот изборен пораз. Ситните трикови на грофот од Зајас не минуваат ниту во детска градинка.ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно порачува: единствените „емисари“ што ги праќаме се оние кои ја носат пораката на народот, а тоа е одговорност за криминалниот картел ДУИ – СДС. Одговорност за Али, Заев, Филипче, Груби и Османи. Токму на локалните избори овие две структури конечно и формално ќе завршат таму каде што одамна им е местото, на буништето на историјата.
Бујар Османи денес е ништо друго освен последниот портпарол на криминалниот картел кој граѓаните го препознаа. Но, неговата одбрана е залудна. Нема повеќе политичко мешетарење, нема пазари зад грбот на народот.Во октомври ќе има јасна пресуда, пресуда на граѓаните кои ќе ги испратат картелот на СДС и ДУИ во политичка пензија, а правдата ќе биде задоволена. Зошто таа има име и презиме, а одговорноста мора да се испорача“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, откако дозволија Артан Груби да избега од земјата.
Претходно, Мицкоски во изјава за новинарите, рече дека се труди пораките што ги испраќа да се пораки над ситуација, да се пораки на смирување.
„Избори се, логично е да постои искра во одредени општини низ Македонија. Би било нелогично ако не е така. Иако е јасен победникот на овие локални избори, ние веќе правиме план за денот потоа бидејќи денот потоа ќе значи силна Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и огромен број општини поредводени од владината колицијата. Размислуваме за денот по изборите, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен-темелник на Дом за стари лица во Општина Зрновци.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е задоволен од предложените кандидати за градоначалници, премиерот вели дека се труделе да бидат објективни и врз основа на она со кое располагале, како информации, да донесат најдобра одлука.
– Имам доверба во секој еден од предложените кадровски решенија. Имам доверба дека ќе покажат вонредни резултати. Тука сме ние секојдневно да ја мониторираме нивната работа и доколку гледаме дека имаме намалување на динамиката и темпото на реализцијата на политиките кои се ветени спрема граѓните, да ги опомене. Така што никој не е вечен и никому ништо не е загарантирано и однапред априори дадено. Секој ќе мора да се потруди максимално, мора тоа што се ветува пред граѓаните и да се испорачува, нагласи премиерот во Зрновци.
Премиерот Мицкоски изјави дека како како политичка партија и како Влада покажале дека се подготвени за соработка со медиумите. – И последниот извештај за транспарентност на институциите покажува огромен скок за Владата, не сме први, сме трети, но на подиумот сме и се надевам дека следното мерење ќе бидеме први, рече Мицкоски, додавајќи дека се е подготвено во штабовите, на терен се и се трудат да стигнат секаде.
Од ДУИ пак возвратија дека „секојпат кога Мицкоски повторува дека нема да има предвремени избори, тој всушност признава страв од неминовниот пораз што го очекува – и тој и неговиот политички инструмент меѓу Албанците, ВРЕДИ“. Од ДУИ велат дека ВРЕДИ не е изборот на Албанците, туку „вазална структура инсталирана од ВМРО-ДПМНЕ за да ги држи Албанците покорени“.
Како доказ за тоа, од партијата го посочуваат и јавното признание на Изет Меџити дека власта не зависи од албанските пратеници, туку од волјата на Мицкоски.
„Албанците нема да дозволат да бидат претставувани од такви политички вазали. Гласот на 19 октомври ќе биде толку јасен што ќе го отвори патот за предвремени парламентарни избори“, стои во соопштението.
ДУИ истакнува дека веќе 20 години е столб на еднаквоста, интеграцијата и консензуалното одлучување во државата, и дека ќе продолжи да го брани достоинството на Албанците.
„Албанскиот глас е слободен, суверен и одлучувачки – и тој ќе ја одреди иднината на државата. На 19 октомври, Албанците самите ќе ги изберат своите претставници. Ќе победи волјата на народот“, се наведува во заклучокот на соопштението.