ВМРО-ДПМНЕ едно, а Трајко Славески друго за замрзнувањето на цените
Партијата вели дека замрзнувањето на цените дошло предоцна и дека тоа требало да се направи порано, а Славески тврди дека таква мерка не е потребна, била популистичка

Очигледно е дека има разлика во ставовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот главен економист Трајко Славески околу одлуката на Владата за замрзнување на цените на одредени производи.
На почетокот од декември, кога владата ја донесе оваа мерка, ВМРО-ДПМНЕ официјално преку соопштение реагираше дека таа мерка е задоцнета и дека требало да се преземе порано.
„Одлуката за замрзнување на цените е задоцнета. Замрзнувањето на цените требаше да се случи пред да поскапат производите во малопродажба“, соопшти тогаш ВМРО-ДПМНЕ.
Дали тоа беше рефлексна реакција на информативниот тим на ВМРО-ДПМНЕ да се критикува секоја мерка на владата или била економска оценка на партијата, не е јасно.
Но јасно е дека поранешниот министер за финансии и економски гури на партијата, Трајко Славески, денес кажува нешто друго. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, Славески е против замрзнување на цените – ни дека била задоцнета ниту предвремена: едноставно не требало да се случи.
„Замрзнувањето на цените е популистичка мерка и нема да го заштити стандардот. Во нашата дневна палета на производи што ги користиме има значителен обем на производи кои што се од увоз и ние тука не можеме да влијаеме. Реперкусиите ќе се или недостаток на некои артикли на пазарот со замрзнати цени, сива економија и слично. Ова е една непазарна мерка која треба што побрзо да се напушти“, рече Славески.
Кој е сега ставот на партијата – оној преку објавеното соопштение или преку нејзиниот главен економист Трајко Славески. (Н.В.)