ВМРО-ДПМНЕ е љубоморно на Шекеринска и затоа молчи, вели СДСМ


 

Опозициската СДСМ денеска реагира зошто вчера никој од власта, а ниту претседателката на државата не испрати честитка до Радмила Шекеринска, која беше назначена за заменик-генерален секретар на НАТО. „Избраа да бидат ‘мали’ во момент кога Македонија е голема“, вели СДСМ.

Во соопштението на партијата се вели:

„Додека цела Македонија и Балканот гордо го слават историскиот успех на Радмила Шекеринска, која како прва од нашиот регион е избрана за заменик-генерален секретар на НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска одлучија да останат заглавени во сопствената малодушност.

Наместо да честитаат за успехот на една Македонка која го подигна меѓународниот углед на државата, ВМРО-ДПМНЕ молчи како што молчи кога треба да покаже визија, идеја или барем минимална политичка пристојност.

Радмила Шекеринска не само што ја водеше нашата држава кон НАТО, туку и ја зацврсти безбедноста и стабилноста на Македонија. Нејзиниот избор е признание не само за неа, туку за секој Македонец кој верува дека можеме да бидеме дел од најголемите светски институции.

Но, што може да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ? Од истата партија која се противеше на НАТО, која шуруваше со антизападни агенди и која, очигледно, не може да поднесе дека успехот не е нивен. Наместо честитка, од нив добивме тишина. И таа тишина зборува гласно – за нивната љубомора, за нивниот страв од секој што е поголем од нивната ситна политика.

Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ вчера пропуштија шанса да покажат дека се на висината на државничките обврски“.