ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог за амнестија на осудените за 27 април


 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес во Собранието ќе поднесе предлог  закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април.

„Овој  предлог закон го поднесуваме и е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тој е продолжение на претходниот Закон за амнестија кој е донесен во декември 2018-та година, но со една голема и суштинка исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018-та година.          Напоменувам, со овој закон ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27ми април, без исклучок. Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се надеваме дека мнозинството ќе го поддржи, прифати и ќе гласа за овој  предлог закон бидејќи во спротивно, доколку не го стори тоа, ќе покаже и докаже дека за нив селективноста е на прво место, а владеењето на правото и правдата во Македонија ги нема никаде, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група.

 На ова законско решение потпишани се 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Фактот дека иницијативата доаѓа  непосредно пред Парламентот да ја отпочне постапката за изготвување на уставни измени со кои би се вметнале Бугарите во Преамбулата за да продолжат пристапните преговори, отвори дилеми во јавноста и во медиумите за можна „реприза“ на периодот околу Преспанскиот договор. Тогаш се случи првата амнестија на осудени за крвавиот четврток, меѓу кои, петмина пратеници. Притоа, на маса се можни две опции – преку носење закон во Собрание или со одлука на Врховниот суд со која може да се укине или потврди пресудата. Овие две опции се однесуваат на луѓето кои се осудени за кривичното дело „тероризам“ затоа што со фантомки упаднаа во собраниската прес сала и ги нападнаа пратениците.

За првиот предмет кој се однесува на „крвавиот четврток“ во 2017 година беа обвинети 33 лица од кои во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор со закон за амнестија беа помилувани 15 лица меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор. Вториот предмет се однесуваше на организатори на упадот во 2021 година заврши со пресуди за обвинетите од вкупно 25 години затвор.

Единствениот политичар од власта кој досега јавно даде поддршка за иницијативата за амнестија, што најпрво ја најавија двајца адвокати на осудените е владиниот коалициски партнер Стојанче Ангелов. Од СДСМ пак денес порачаа дека повторно се покажува на дело лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ  кои го кочеле уи опструирале донесувањето на антикризните мерки, а „кога станува збор за насилници се први и се гласни“.

-Ние сме конзистентни во нашите ставови, за нас не е прифатлива амнестија за насилниците кои влегоа во Собранието на тој  црн 27 април, порачаа од СДСМ.

Со законот за делумна амнестија за случајот за „крвавиот четврток“ во 2018 година беа опфатени пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и тоа Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Со амнестијата беа опфатени и лидерите на протестите кои се одвиваа под името „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески и Владо Јовановски. Оперскиот пеач Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која ја потврди и Апелацискиот суд.

Од 16-те осуденици за првиот случај најголема казна затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, на кој Апелација од 18 години затвор му ја намали казната на 16 години затвор. Останатите се осудени на затворски казни од 6 до 14 години.