ВМРО-ДПМНЕ бара одговори од Стевче Јакимовски за две парцели во Жданец


Марија Митева

 

Битка со целосна артилерија за Карпош.

На четири дена пред гласањето во вториот круг на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ денеска побара одговори како семејството на градоначалникот на општината, Стевче Јакимовски, станало сопственик на две земјишни парцели во населбата Жданец.

Порпаролката на владата во својство на член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на прес-конференција праша:
Како е возможно за една календарска година градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје.

Како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа со урбанистичка маркица која веќе е вцртана во планот? Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција?“